Момировиќ: Формално започнаа преговорите за слободна трговија меѓу Србија и Кина

Економските односи меѓу Република Србија и НР Кина се на исклучително високо ниво, а Србија е важен стратешки партнер на Кина на Западен Балкан, изјави министерот за трговија Томислав Момировиќ по потпишувањето денеска во Пекинг на Меморандум за разбирање со министерот за трговија на Кина, Ванг Вентао, со што формално започнаа преговорите за слободна трговија меѓу Србија и Кина, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ова е уште еден чекор, голем чекор за дополнително зајакнување на нашата економија, рече министерот Момировиќ, се вели во соопштението на Министерството за внатрешна и надворешна трговија.

Момировиќ додаде дека пред десет години извозот во Народна Република Кина изнесувал шест милиони долари, а лани 1,3 милијарди долари, што, како што се наведува во соопштението, „го потврдува фактот дека е направен огромен успех со заеднички напори и дополнително е успеано да се развијат нашите економски односи“.

Момировиќ напомена и дека една од главните задачи во наредниот период е имплементацијата на Договорот за слободна трговија, со кој компаниите од Србија ќе добијат нови можности на кинескиот пазар, додека, се нагласува, од друга страна, и кинеските компании исто така ќе направат уште поголеми успеси во Србија.

-Очекуваме следната година, кога ќе стапи на сила овој договор, нашиот извоз да ја надмине сумата од две милијарди долари, што ќе биде вистински успех, заклучи министерот Момировиќ.

Со потпишувањето на Меморандумот за разбирање, со кој формално започнуваат преговорите за слободна трговија меѓу Србија и НР Кина, министерот за трговија Томислав Момировиќ ја заврши тридневната посета на Кина, соопштија од ресорното Министерството. 

Треба да знаете
Последни објави