Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски и Гоксу го пуштија новото осветлување на Камениот мост

06/11/2026  20:47

Камениот мост во Скопје од вечерва има ново декоративно и архитектонско осветлување. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на Фејсбук објави дека осветлувањето го пуштил во употреба заедно со Мехмет Тевфик Гоксу, градоначалник на турската општина Есенлер.

Со новото осветлување се истакнати камените сводови на мостот над Вардар. Ѓорѓиевски рече дека обновувањето на едно од најпрепознатливите обележја на Скопје е дел од грижата за градското наследство.

„Камениот мост опстојувал со векови. Нашата задача е да се погрижиме и генерациите по нас да го гледаат со истата љубов и гордост“, напиша Ѓорѓиевски.

На пуштањето на осветлувањето присуствуваа турскиот амбасадор Алпер Акташ, извршниот директор на Халкбанк, Фатих Шахбаз, и почесниот конзул Ајдован Адемоски.

Според Ѓорѓиевски, проектот произлегол од Протоколот за пријателство и соработка меѓу Град Скопје и Општина Есенлер. Тој им се заблагодари на турската општина, на Халкбанк и на Адемоски за поддршката и придонесот во реализацијата на проектот.