Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски: Мерката за ослободување од комуналии за млади брачни парови е дел од мојата изборна програма 

05/11/2026  15:25

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, нагласи дека мерката за ослободување од комуналии за млади брачни парови е дел од неговата изборна програма и не станува збор за прифатена иницијатива.

– Видов лиферувани информации дека наводно сум прифатил нечија иницијатива за ослободување на млади брачни парови од комуналии за градба, а тоа не е вистина. Почитувани, тоа е пракса која што прв пат во историјата на оваа независна држава јас ја воспоставив во Општина Кисела Вода додека бев градоначалник и таму имав можност 40 проценти да ги ослободам младите брачни парови кои што треба да ги помагаме како институции од комуналиите за градба. Истите мерка е предвидени во мојата изборна програма, каде што е наведено „Во континуитет со успешната мерка од Кисела Вода – Адреса за заеднички дом – ќе ја прошириме поддршката за млади брачни парови на ниво на град Скопје. Млади брачни парови до 40 години без друг имот ќе добијат до 100 отсто доколку и општината дава согласност за истото, ослободување од комуналии при изградба на куќи за домување” – истакна Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски образложи дека ослободувањето ќе изнесува 60 проценти од Градот Скопје и, доколку општината се сложува, 40 дополнителни проценти или вкупно кумулативно 100 проценти.

– Оваа мерка е директна инвестиција во демографската обнова, родовата еднаквост и достапно домување на младите во Градот Скопје. Што значи дека согласно со нашите проекции за буџетот и нашите буџетски можности, сега денес ја предлагаме мерката од мојата програма за ослободување на младите брачни парови до 40 години од комуналии за градба во Градот Скопје и се надевам дека сите вие ќе дадете поддршка на истата. Со ова, значително ќе им помогнеме на младите брачни парови, нешто што е наша обврска, да создадат свој дом и свое катче во кое што ќе ги развиваат и шират своите семејства – рече Ѓорѓиевски.