Skip to main content
Хроника

Девојката веќе еднаш се спасила бегајќи преку прозорец – момчето и се заканувало со смрт, а минувачи повикале полиција

04/11/2026  17:26

Две безживотни тела се пронајдени во Богданци, од кои едното во целосно опожарено возило, а другото во негова непосредна близина. Едно од починатите лица е идентификувано како 21-годишниот В.Г. од Богданци, кој претходно бил кривично пријавен за физички напад врз неговата 17-годишна девојка.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, вчера во 18:40 часот Т.К. од Богданци пријавил дека на местото викано „Ичева чешма“, во Горно Село, забележал опожарен паркиран автомобил, во чија близина имало безживотно тело.

Веднаш по пријавата, полициски службеници од Полициската станица Гевгелија излегле на местото на настанот. При увидот било утврдено дека во близина на изгореното возило се наоѓа машко лице кое не давало знаци на живот. Полицијата утврдила дека станува збор за В.Г. (21) од Богданци, а екипа на Итната медицинска помош од Општата болница во Гевгелија констатирала смрт.

По локализирањето на пожарот од страна на противпожарните екипи, во внатрешноста на автомобилот било забележано уште едно опожарено тело, исто така без знаци на живот.

За случајот веднаш бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чиј налог бил извршен увид. Телата се предадени на обдукција за утврдување на идентитетот на лицето пронајдено во возилото, како и причините за смртта.

Особено внимание привлекува податокот што го соопшти МВР дека 21-годишниот В.Г. претходно бил пријавен за насилство врз малолетна девојка со која бил во љубовна врска.

Според полицијата, на 1 октомври 2026 година, 46-годишниот Џ.К. пријавил дека неговата 17-годишна ќерка претходната вечер, на 30 септември, била физички нападната од В.Г. во неговата семејна куќа во Богданци.

На нападот му претходела вербална расправија меѓу двајцата, по што, според пријавата, 21-годишникот физички ја нападнал малолетничката и ѝ упатувал закани по живот доколку се обиде да ја напушти куќата.

Во пријавата се наведува и дека тој ѝ го оштетил мобилниот телефон за да ја спречи да повика полиција.

Девојката во еден момент успеала да избега преку прозорецот од куќата. Помош ѝ пружиле случајни минувачи, кои повикале полиција, по што била пренесена во Итната медицинска помош во Општата болница Гевгелија.

За овој случај бил известен јавен обвинител, а полицијата постапувала по пријава за кривично дело „телесна повреда“, согласно член 130 став 2 од Кривичниот законик.

В.Г. бил лишен од слобода на 1 октомври, а на 14 октомври Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија поднела кривична пријава против него поради сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“.

Засега не е познато под кои околности настапила смртта на двете лица пронајдени кај опожарениот автомобил, ниту дали претходно пријавениот случај на насилство има каква било поврзаност со трагичниот настан.

Од МВР соопштуваат дека се преземаат мерки за утврдување на сите околности и за целосно расчистување на случајот.