
Подобрувањето на јавниот превоз е меѓу приоритетите во активностите за модернизација на Скопје. По завршувањето на јавната набавка, се очекува испорака на 100 нови еколошки автобуси, кои веднаш по пристигнувањето треба да се вклучат во градскиот сообраќај и да придонесат за обновување на возниот парк и поквалитетна услуга за патниците.
Истовремено, Скопје е на чекор до реализација на проектот за брз автобуски превоз – БРТ. Според најавите на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, отстранети се пречките и создадени се услови проектот да влезе во фаза на реализација. Предвидените измени се однесуваат на зачувување на постојното зеленило: автобусите ќе се движат по крајните сообраќајни ленти, а дополнително ќе се засади зеленило како природна бариера меѓу БРТ-коридорот и останатиот сообраќај.
Дополнителна можност за патување претставува и градскиот воз на релацијата Зелениково – Скопје, кој овозможува заштеда на средства за граѓаните и придонесува за намалување на загадувањето.
Со обновување на автобускиот возен парк и подготовките за воведување брз автобуски превоз, градот работи на создавање поефикасен систем на јавен транспорт, со истовремено внимание кон заштитата на зелените површини.

