
Европа ја очекува тридневен бран протести што ќе се одржат истовремено во седум земји со барања за ограничување на цените на становите и кириите, зголемување на платите и пензиите и запирање на брзото вооружување на европските земји. Дополнителни барања вклучуваат контрола на цените на храната и енергијата, зачувување на квалитетни јавни услуги, заштита на работничките права и повисоко оданочување на најбогатите. Организациите, исто така, се спротивставуваат на враќањето на политиките за штедење, кои ги поврзуваат со барањата на доверителите на јавниот долг и истовремено зголемување на воените трошоци.
Посебен дел од нивната платформа се однесува на спротивставувањето на понатамошното вооружување и употребата на фосилни горива, со што се поврзуваат економските барања со социјалните и еколошките политики.
Во Париз беше постигнат договор за заедничко дејствување на состанок на претставници на синдикати, здруженија на станари и социјални движења од Португалија, Белгија, Шпанија, Франција, Грција, Италија и Велика Британија.
Според планот на организаторите, протестите ќе се одржат на 20, 21 и 22 ноември, јавија португалските медиуми.
Тереза Мамеде, претставничка на Лисабонскиот синдикат на станари и една од портпаролите на движењето „Акампада“, потврди дека е договорена координирана мобилизација во сите земји учеснички.
Во заедничка декларација, организациите предупредуваат дека становите стануваат се помалку достапни, додека цените на основните потреби и транспортот продолжуваат да ги оптоваруваат буџетите на домаќинствата. Организаторите веруваат дека товарот на економските проблеми се повеќе се префрла на граѓаните, особено на вработените, пензионерите и закупувачите.
Претстојната мобилизација би можела да обедини различни незадоволства низ цела Европа – од кризата со домувањето и падот на куповната моќ до несогласувањата со зголемувањето на трошоците за одбрана. Степенот до кој овие барања ќе се претворат во масовни протести и конкретен политички притисок ќе се покаже во текот на трите дена од ноември, јавија француските медиуми.


