Skip to main content
Македонија

Левица: ДПМНЕ ги одби амандманите на Левица за земјоделците, јавниот превоз, здравството и научната инфраструктура

31/10/2026  13:57

Соопштение за јавност на Левица:

На амандманската расправа по Предлог-ребалансот на Буџетот, ДПМНЕ ги одби амандманите на Левица со кои се бараше зголемување на финансиската поддршка за земјоделците и руралниот развој, враќање на средствата за набавка на нови автобуси за јавниот градски превоз, реконструкција на јавните здравствени установи и почеток на изградбата на новите клинички центри во Скопје и Штип. Одбиен беше и амандманот за изработка на техничка и проектна документација за Македонската астрономска опсерваторија.

Со амандманите за земјоделството, Левица побара зголемување на средствата за финансиска поддршка на земјоделското производство за три милијарди денари, како и враќање на 70,2 милиони денари за рурален развој. Предлозите имаа цел да обезбедат дополнителна поддршка за земјоделците во услови на зголемени производствени трошоци и ценовна неизвесност, како и континуитет во реализацијата на мерките за подобрување на економските и инфраструктурните услови во руралните средини. И покрај значењето на домашното земјоделско производство и потребата од развој на руралните подрачја, ДПМНЕ ги одби предложените средства.

Левица побара и враќање на средствата за набавка на нови автобуси за јавниот градски превоз. Со ребалансот, средствата за оваа намена се сведени на само 24,97 милиони денари, а со амандманот се бараше нивно зголемување на 214,2 милиони денари. Целта е модернизација на возниот парк, поголема сигурност и квалитет на јавниот превоз и подобра достапност на услугата за граѓаните. Одбивањето на амандманот значи дека нема да се обезбедат дополнителните средства што Левица ги предложи за обновување на автобусите.

На полето на здравството, Левица предложи зголемување на средствата за реконструкција и доградба на јавните здравствени установи од 105 на 300 милиони денари. Дополнително, беше предложено издвојување шест милиони денари за почетната фаза од изградбата на новите клинички центри во Скопје и Штип. Со овие амандмани се бараше подобрување на условите во постојните здравствени установи и започнување на реализацијата на нова здравствена инфраструктура, која е од стратешко значење за унапредување на јавниот здравствен систем и обезбедување поквалитетна и подостапна здравствена заштита.

ДПМНЕ го одби и амандманот за обезбедување средства за изработка на комплетна техничка и проектна документација за Македонската астрономска опсерваторија. Со оваа мерка се предвидуваше почетен чекор кон воспоставување современа научноистражувачка и образовна инфраструктура од национално значење. Наместо да се поддржи развојот на научните капацитети, парламентарното мнозинство не даде поддршка ниту за оваа иницијатива.

Левица предложи конкретни буџетски средства за овие намени, но ДПМНЕ одлучи да не ги поддржи, оставајќи ги настрана потребите на земјоделците, пациентите, корисниците на јавниот превоз и развојот на домашната наука.