Skip to main content
Македонија

ТХП прослави 27 години постоење

31/10/2026  10:49

Партијата за движење на Турците (ТХП) одбележа 27 години од своето основање со свечена гала-вечер во Скопје, настан кој обедини бројни членови, активисти и симпатизери на партијата, како и истакнати личности од политичкиот, културниот, општествениот и јавниот живот.

На свеченоста присуствуваа и голем број поранешни и сегашни партиски функционери и членови кои низ годините со својата посветеност, труд и ангажман придонесувале за развојот и зајакнувањето на ТХП. Вечерта беше можност да се потсетиме на досегашниот пат на партијата, на предизвиците и постигнувањата, но и да се потврди заедничката определба за продолжување на нејзината политичка и општествена мисија.

Обраќајќи им се на присутните, претседателот на ТХП, Енес Ибрахим, истакна дека партијата во изминатите 27 години секогаш имала значајна мисија и одговорна улога во политичкиот и општествениот живот на земјата. Тој нагласи дека ТХП отсекогаш ја носела одговорноста достоинствено и доследно да ја претставува турската заедница, да ги штити нејзините права и интереси и да биде активен глас во процесите што ја обликуваат иднината на државата.

Ибрахим потенцираше дека партијата и во наредниот период ќе продолжи со истата решителност, посветеност и одговорност, останувајќи верен застапник на интересите на турската заедница. Притоа, ја истакна важноста од единството, меѓусебната доверба и континуираната борба за еднаквост, достоинство и рамноправно учество во општествените и институционалните процеси.

Свечената вечер беше збогатена со музичка програма и настапи, а прославата заврши со концерт на групата „Баклава”, создавајќи пријатна атмосфера и заокружувајќи го одбележувањето на овој значаен јубилеј.

Дваесет и седум години посветеност, истрајност и политичка одговорност претставуваат потврда за континуитетот на ТХП и нејзината определба да продолжи да работи за посилна, поправедна и порамноправна иднина за сите граѓани.