
Најмалку три лица загинаа, а петмина се повредени во тешка несреќа што денеска се случи во познатиот турски туристички регион Кападокија, откако дел од карпеста формација се урна во близина на туристичкиот локалитет Ѓореме.

Според првичните информации, огромни парчиња карпи се одвоиле од една од препознатливите природни формации, познати како „самовилски оџаци“, и паднале во близина на паркинг-простор кај влезот во туристичкиот локалитет, каде што во моментот имало луѓе.
Гувернерот на Невшехир, Хусеин Ќок, изјавил дека обилните дождови најверојатно придонеле за одронот. Тој потврдил дека двајца од загинатите се турски државјани, додека идентитетот и државјанството на третата жртва засега не се соопштени.
Веднаш по несреќата на местото биле испратени бројни спасувачки екипи, полиција, жандармерија, медицински тимови и припадници на турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Спасувачката операција сè уште трае, а екипите го пребаруваат просторот под урнатите карпи за да утврдат дали има и други затрупани лица.
Обвинителството во Невшехир отвори истрага за причините и околностите под кои се случила трагедијата. Во истрагата се вклучени заменик-главен обвинител и двајца јавни обвинители.

Кападокија е една од најпознатите туристички дестинации во Турција, препознатлива по необичните карпести формации, пештерските живеалишта, подземните градови и летовите со балони на топол воздух. Регионот секоја година привлекува голем број туристи од целиот свет.

