
Околу два тона свежо и замрзнато месо и месни подготовки се одземени при вонредни инспекциски контроли во малопродажни објекти во Радовиш, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Одземените производи, според најавите, денеска ќе бидат уништени на депонијата „Дрисла“.

Покрај контролите во Радовиш, инспекторите на АХВ спровеле вонредна контрола и во селото Пепелиште, во општина Неготино, каде што откриле лице кое без соодветно одобрение произведувало димени месни производи и чварки, а потоа ги продавало преку социјалните мрежи.
При контролата биле одземени дополнителни 50 килограми месни производи, меѓу кои печеница, кулен и димена сланина.
Според Агенцијата, производите немале декларации со податоци за потеклото, а производството, преработката и чувањето се одвивале во несоодветни и нехигиенски услови.
Од АХВ предупредуваат дека ваквите практики претставуваат сериозен ризик за безбедноста на храната и за здравјето на потрошувачите, особено поради непознатото потекло на месото и отсуството на соодветна контрола врз процесот на производство.
Агенцијата најавува продолжување на засилените инспекциски контроли со цел откривање и спречување на нелегалното производство и продажба на храна, како и заштита на здравјето на граѓаните.



