
Стојна Димитровска од Кратово повторно е приведена откако, се обидела пак да наплаќа влезници на посетители на локалитетот „Камени кукли“ и им се заканувала на двајца скопјани.
На 27 октомври во 11:30 часот, полициски службеници од ОВР Кратово ја лишиле од слобода 41-годишната Димитровска, постапувајќи по пријава од Р.П. и Ј.Б. од Скопје. Според пријавеното, таа се обидела да им наплати билети за влез во локалитетот, а потоа им се заканувала. По целосно документирање на случајот, против неа ќе следува соодветна пријава.
Ова не е првпат Димитровска да биде приведена во врска со наплатата на влезници на „Камени кукли“. Случајот со управувањето со локалитетот и наплатата на пристап до него се провлекува со години, а Општина Кратово претходно реагираше дека просторот е бесправно узурпиран.
Во јули годинава, Телма известуваше и за приведувањето на нејзиниот сопруг, британски државјанин, по инцидент со даночни инспектори. Според тогашните информации, тој со камења се обидел да ги спречи инспекторите во вршењето контрола, а за Димитровска веќе имало судска мерка со забрана за приближување до локалитетот.


