САД не исклучуваат воведување нови царини за ЕУ поради спорот помеѓу „Боинг” и „Ербас”

Американските власти не ја исклучуваат можноста да воведат нови царини за некои европски производи, како кашкавал и вино, како контрамерка за субвенциите што компанијата „Ербас” ги добива од државите членки на ЕУ, јави Си-Ен-Би-Си.

Вашингтон потсетува дека Светската трговска организација (СТО) досега повеќепати утврдувала дека тие субвенции влијаат негативно на САД.

– Судскиот претрес се одолговлекува 14 години и дојдено е време да се дејствува, изјави американскиот претставник за трговија Роберт Лајтхајзер.

Првата одлука во спорот помеѓу американскиот производител на авиони „Боинг” и неговиот европски конкурент „Ербас”, СТО ја донесе пред девет години. САД сметаат дека европската компанија ги нарушила правилата за конкуренција, бидејќи со поддршката што ја добила од ЕУ успеала да стане лидер во авионската индустрија.

СТО лани утврди дека субвенциите од страна на земјите членки на ЕУ за „Ербас” се незаконски и им нанесуваат штета на интересите на американскиот конкурент „Боинг”. Тогаш СТО посочи дека ЕУ ги игнорирала нејзините барања и не ја запрела поддршката за производство на А380, најголемиот патнички авион на „Ербас”, и на А350, патнички авион со голем долет.

Подробностите од одлуката на СТО се држат во најстрога тајност. Овој случај на спор помеѓу најголемите производители на авиони е можеби најкрупниот комерцијален спор во историјата на СТО.

Треба да знаете
Последни објави