Skip to main content
Македонија

СДСМ: Одлуката на САД е силна поддршка за борбата против корупцијата

09/12/2024  23:26

СДСМ ја поздравува одлуката на Стејт департментот на САД за ставaње на нови лица од Северна Македонија на црната листа, оценувајќи ја како важен чекор во борбата против корупцијата и криминалот.

„Поддршката од нашите стратешки партнери, како што се Соединетите Американски Држави, е исклучително значајна за создавање праведно општество во кое владеењето на правото ќе биде основен принцип,“ изјавија од СДСМ.

Партијата истакна дека сите сомнежи за корупција мора да бидат темелно истражени и санкционирани од страна на правосудните органи, без никакви компромиси. Дополнително, СДСМ ги охрабрува институциите на правосудниот систем да работат решително и посветено на расчистувањето со сите форми на криминал и корупција, со цел да обезбедат праведност и еднаквост за сите граѓани.

„Оваа одлука е јасен сигнал дека борбата против корупцијата мора да биде приоритет за сите институции во земјата. СДСМ останува доследна на својата заложба за изградба на општество каде што владеењето на правото и отчетноста ќе бидат темелите на нашата иднина,“ се вели во соопштението на партијата.

Одлуката на САД е дел од пошироките меѓународни напори за поддршка на Северна Македонија во зајакнувањето на демократијата и правната држава.