
Во рамки на активностите за одбележување на Розовиот октомври, меѓународниот месец за подигнување на свеста за ракот на дојка, градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, присуствуваше на едукативен настан за подигнување на јавната свест, организиран во основното училиште „Исмаил Ќемали”, заедно со д-р Илир Исмаили, наставниците и учениците од училиштето.
Настанот беше посветен на значењето на информирањето, подигнувањето на свеста и раното откривање на ракот на дојка, со посебен акцент на улогата на здравствената едукација и редовните превентивни прегледи во заштитата на здравјето. Преку разговорот со присутните беше пренесена пораката дека грижата за здравјето и континуираното информирање претставуваат заедничка одговорност на институциите и општеството.
„Розовиот октомври е важен потсетник дека борбата против ракот на дојка бара свесност, солидарност и континуирано дејствување. Денеска, заедно со д-р Илир Исмаили, наставниците и учениците од училиштето „Исмаил Ќемали”, разговаравме за значењето на раното откривање и редовните превентивни прегледи. Како Општина Чаир, ќе продолжиме да поддржуваме иницијативи што ја промовираат здравствената едукација и ја подигнуваат свеста кај граѓаните. Нашата цел е оваа порака да допре до секое семејство, бидејќи раното откривање спасува животи”, изјави Меџити.

Општина Чаир ќе продолжи со поддршката на едукативните активности и иницијативите за подигнување на јавната свест, во соработка со образовните институции и здравствените работници, со цел промовирање на културата на превентивна здравствена заштита, информираноста и одговорноста кон јавното здравје.

