Skip to main content
Скопје

Герасимовски: Во центарските градинки нема листи на чекање, но за вработување на неопходниот кадар чекаме согласност

21/10/2026  10:23

Во градинките во Општина Центар нема листи на чекање, а условите за згрижување на децата се одлични. Главниот предизвик е недостигот од воспитувачи, негуватели и стручен кадар, за чие вработување се потребни согласности од надлежните институции, рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во интервјуто за „Ноќно студио” на 4ТВ.

„Имаме одлични услови во градинките и доволно место за децата, но, за жал, се соочуваме со недостиг од кадар. Овие денови имавме и состанок со министерот за социјална политика, демографија и млади заедно со колегите од ЗЕЛС, на кој ги посочивме проблемите со кои се соочуваат општините, особено потребата од пополнување на работните места на пензионираните воспитувачи, негуватели и стручни лица”, истакна Герасимовски.

Тој појасни дека барањето на Општина Центар не се однесува на отворање нови работни места, туку на добивање согласности за пополнување на веќе постојните работни места што се испразнети поради пензионирање.

„Очекувам нашите барања да бидат разгледани и Центар да има еднаков третман како и другите скопски општини. Не бараме нови вработувања, туку можност да ги пополниме работните места на кои кадарот се пензионирал, за да може градинките непречено да функционираат”, рече Герасимовски.

Со отворањето на новата градинка „Пролет” дополнително се зголемени капацитетите за згрижување на децата.

„И претходно имавме доволно капацитети, но со новата градинка дополнително ги зголемивме можностите за згрижување на децата. Приоритет при уписот имаат децата на жителите на Центар”, истакна градоначалникот.

Тој посочи дека преку општинскиот ГИС-портал родителите имаат можност да добијат реонски увид и информации за уписот на децата во градинките и училиштата.

Герасимовски нагласи дека Центар бележи пораст на бројот на запишани деца во градинките и училиштата во споредба со минатата година, за разлика од трендот во други општини, кои се соочуваат со иселување и намалување на бројот на деца.

Покрај грижата за постојните капацитети, Општина Центар планира и нови инвестиции во предучилишното образование. Следен проект е изградба на нова градинка во близина на Клиничкиот центар „Мајка Тереза”.
За оваа намена е предвидена државна парцела, проектот е вклучен во програмата на Општината, а обезбедени се и буџетски средства. Герасимовски најави дека се очекува наскоро да започнат активностите за реализација на проектот.