
Мораториумот за градба во Општина Центар, кој траеше околу три години, не ги даде очекуваните резултати, оцени градоначалникот Горан Герасимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ. Според него, по укинувањето на мерката, општината морала да постапува по повеќе од 300 барања за одобренија за градба што дотогаш чекале на решавање.
Герасимовски посочи дека мораториумот бил воведен пред неговото доаѓање на функцијата, со намера да се ревидираат урбанистичките планови и да се подобрат условите за градба. Сепак, според неговата оценка, запирањето на изградбата во поголем дел од општината не ја исполнило првичната цел.
„Од денешна дистанца можам слободно да кажам дека самиот мораториум не го постигна тоа што беше замислено и поради што беше започната неговата процедура“, истакна Герасимовски.
Тој објасни дека наталожените барања создале дополнителен административен и урбанистички притисок по престанувањето на мораториумот.
„Над 300 барања за одобрение за градба чекаа во општината. Кога мораториумот падна, ние моравме да постапиме и затоа денес се соочуваме со ваквата состојба“, рече градоначалникот.
Герасимовски се осврна и на финансиските ризици при носењето урбанистички одлуки. Наведе дека досега општината не се соочила со тужби поврзани со ова прашање, но дека се внимава одлуките да не предизвикаат дополнителни трошоци за граѓаните.
„Буџетските средства на општината се пари на граѓаните. Затоа внимаваме да не дојдеме во ситуација да плаќаме големи пенали“, порача тој.

Според Герасимовски, решавањето на урбанистичките проблеми бара долгорочно планирање и почитување на законските процедури, со процена на последиците што секоја одлука може да ги има врз општината и граѓаните.


