
Премиерот Христијан Мицкоски, во гостување во емисијата „Клик плус” на ТВ21, говорејќи за стандардот на граѓаните и економските состојби во државата, истакна дека во услови на криза, благодарение на политиките на Владата, инфлацијата е пониска од просекот во ЕУ, а платите постепено растат.
„Она што е важно е дека ние имаме стабилна состојба во државата од аспект на инфлацијата. Нешто што претставуваше, би рекол, со месеци и со години предизвик. Нешто за коешто претходната влада нè убедуваше дека е увезено од ЕУ. Денеска, ако ги гледате параметрите, еве да речеме за третиот квартал од 2026 година, ќе дојдете до заклучок дека во Македонија просекот на инфлација е за 25% понизок од тој на ЕУ. Односно, да бидам попрецизен, во месеците јули, август и септември – тоа е третиот квартал – имаме просек од 2,5%, додека во ЕУ е 3,2–3,3%. Во септември ние имавме 2,7%, а ЕУ имаше 3,8%. Ние сме веднаш зад Малта”, потенцираше Мицкоски.
На прашање на што го темели оптимизмот дека просечната плата до крајот на мандатот би стигнала до 1.000 евра, Мицкоски истакна дека тоа многу лесно би се реализирало доколку се задржи истото темпо на раст од последните 24 месеци.
„Кога го почнавме мандатот, тргнавме со околу четириесетина илјади денари просечна плата, односно некаде 650 евра, и разговаравме во економијата да повлечеме потези со коишто ќе најдеме начин да се приближиме до оној психолошки лимит од 1.000 евра. Ние сега сме некаде на 800 евра, тука отприлика се движиме. Од 650 стигнавме на 800 за 24 месеци – последниот податок е за јули – иако во мај имаше скок и малку над 800 евра поради исплата на дивиденди и слични причини. Но, еве, до крајот на годината јас сум убеден дека ќе ја натфрлиме магичната граница од 50 илјади денари. Ако просечно растеме со 7 до 7,5%, тоа значи дека 2027 година многу лесно можеме да ја завршиме со 53 до 54 илјади денари просечна плата. Ако истото темпо го задржиме и во 2028 година, тогаш ќе дојдеме до 57–58 илјади денари. Можеби нема да стигнеме точно до 60 илјади, но ќе бидеме многу блиску, а можеби и ќе ја надминеме, со оглед на нашите амбиции и политиките што ги водиме”, нагласи Мицкоски.
На прашањето зошто е проблем минималната плата да биде 600 евра, Мицкоски истакна дека за Владата тоа не претставува никаков проблем бидејќи само може да има придобивка од тоа, но дека за висината на минималецот треба првенствено да постигнат договор работодавачите и работниците.
Посочувајќи го примерот со Црна Гора, Мицкоски истакна дека на државата не ѝ треба политика на егзибиционизам, туку политика на стабилност којашто носи мерливи резултати.
„Не ми е мене проблем и 1.000 евра да биде минималецот, не 600, јас посакувам да биде и 1.000. Еве, во Црна Гора премиерот излезе на прес-конференција и најави: ‚Од 1 јануари 2027 година минималецот ќе биде 1.000, па 1.250 евра…’ ги градираше според образованието, па веднаш се крена бизнис-заедницата со прашањето: ‚Како, кажи ја формулата, како ќе го изведеме ова?'”, посочи Мицкоски и заклучи:
„Нас нѐ ни треба политика на егзибиционизам, туку политика на стабилност, а таа стабилност ја потврдуваат токму овие резултати. Во моментов, му се допаѓало тоа некому или не, тие се убедливо најдобри во регионот, а според статистичките споредби – и меѓу најдобрите во Европа. Дали тоа ги решава сите проблеми? Не ги решава. Има уште многу предизвици што ќе ги надминуваме допрва. Но, дали денес се живее подобро отколку пред три години? Јас тоа често го повторувам: апсолутно се живее подобро. А дали ќе се живее подобро за три години од денес? Јас ви гарантирам дека ќе се живее подобро.”



