
„Долги години сум во СДСМ, од мојата полнолетност, и сум бил на повеќе позиции. Досега ова ми е највисоката функција, да бидам еден од потпретседателите на СДСМ, што за мене искрено е голема чест и одговорност”, истакна потпретседателот на СДСМ и градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, во интервју за Дневникот на Сител ТВ.
Тој посочи дека СДСМ во моментов е во процес на консолидација, сплотување на членството и враќање на довербата кај граѓаните.
„Во тек е консолидирање на партијата. Треба да покажеме резултати, да ги сплотиме сите поделени страни, да седнеме заедно на маса и да ја вратиме партијата на победничките шини”, порача Герасимовски.
Осврнувајќи се на работата на актуелната власт, Герасимовски истакна дека незадоволството е присутно кај бизнисмените, земјоделците, администрацијата и граѓаните. Според него, СДСМ мора да се екипира и да понуди силна и обединета опозициска алтернатива.
„ВМРО-ДПМНЕ е во слободен пад. Има голем број неопределени гласачи кои се незадоволни од власта, а тоа треба да се искористи. Незадоволството е големо кај бизнисмените, граѓаните, земјоделците и администрацијата. Затоа СДСМ мора да се екипира и да се сплоти во заеднички фронт против власта. Тоа е нужно”, истакна потпретседателот на СДСМ.
Во однос на несогласувањата во партијата и иницијативата „Платформа 12.05″, Герасимовски порача дека различните ставови можат да ја зајакнат партијата доколку постои подготвеност за дијалог и заеднички решенија.
„Моја заложба и цел е да ги помирам спротивставените страни. Добро е за секоја партија да има различни ставови, но тоа треба да нè прави посилни. На крајот на денот треба да седнеме сите на маса, да се обединиме и да тргнеме во победа”, рече Герасимовски.
Тој оцени дека за надминување на разликите е потребна волја од сите страни и нагласи дека комуникацијата со дел од членовите на Платформата продолжува.
„Се согласувам дека двете страни си испратија неубави пораки, но треба да се дискутира за сè. Поголемиот дел од Извршниот одбор и партиските функционери можат да дојдат до заеднички јазик, но треба волја за тоа”, посочи тој.
Герасимовски додаде дека со дел од луѓето во Платформата и натаму има другарски однос.
„Другарот Иван Ивановски, на пример, беше дел од мојот победнички штаб за изборите и многу ни помогна во победата. И другите се наши членови и, покрај различните ставови, можеме да се најдеме на иста линија”, истакна Герасимовски.

На крајот, тој порача дека единството, отворениот дијалог и заедничката стратегија се неопходни за СДСМ да ја врати довербата кај граѓаните и повторно да се врати на победничките патеки.

