Американските власти запленија речиси една милијарда долари вреден метамфетамин, наменет за австралиски пазар, соопшти австралиската полиција по заедничка операција, пренесе Би-би-си. Американците заплениле околу 1,7 тони метамфетамин во Калифорнија. Со метамфетаминот, во мали количини имало и хероин и кокаин.
Проценетата улична вредност на дрогата е 1,29 милијарди австралиски долари или 911 милиони американски долари, што воедно е и најголема запленета испорака досега наменета за Австралија.
Полицијата уапсила шестмина во државите Викторија и Нов Јужен Велс, за кои се верува дека се вмешани во испораката. И канадските служби исто така се обидувале да ја разбијат наведената меѓународна криминална организација, па извршиле претрес во Бернаби во Британска Колумбија.