
Македонија гради шест автопати истовремено, а динамиката на реализација на сите делници се одвива одлично. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју” на ТВ Канал 5 каде што говореше за напредокот на најголемите инфраструктурни проекти во земјава и ги откри роковите за нивно завршување.

За автопатската делница Кичево–Букојчани, чија изградба започна пред неколку дена, Николоски истакна дека станува збор за технички сложен проект, а како обезбедување дека рокот на изграбда ќе биде испочитуван, обезбедени се високи банкарски гаранции од изведувачите.
“Во однос на Кичево-Букојчани, има многу сериозни банкарски гаранции за изведувачите коишто ги поднесоа за извршување на автопатот во рок. Се работи за тешка делница, но не е долга делницата. Оставаме 4 години, и убеден сум дека овој рок ќе биде испочитуван”, посочи вицепремиерот.
Заменик претседателот на Владата зборуваше и за автопатските делници кои ги гради конзорциумот “Бехтел и Енка”, каде динамиката на работите се одвива според планираното.
“На Тетово-Гостивар целокупниот пат е пробиен и тоа можат да го видат сите кои патуваат, на Гостивар-Букојчани можат да се видат големите мостови кои веќе се изградени, а очекувам во најбрзо време да го промовираме најголемиот мост како завршен. Динамиката на двата оди добро и очекувам да завршат во 2029 година.
Уште подобра динамика имаме на Прилеп-Битола, каде од 40км колку што ќе биде вкупната траса, веќе првото отварање ќе го имаме на средина на следната година, околу 12 км, втора половина следната година ќе имаме уште едно отварање и 2028 ќе го завршиме цел”, истакна Николоски.

Во однос на планираната автопатска делница од Струга до Ќафасан, Николоски откри дека државата разгледува алтернативна рута поради ставовите за овој регион на УНЕСКО, која би можела да биде прифатлива. Тој додаде дека изградбата на автопатот од Скопје до Блаце, се очекува да биде завршен до 2030 година.
