
Само мал број од приведените во првите денови од протестите во Албанија се студенти, изјави генералниот директор на албанската полиција, Скендер Хита, на денешната прес-конференција во Тирана.

„Од сите уапсени првата ноќ, ниту еден не е студент. А, втората ноќ, само мал број од приведените се покажаа како студенти“, рече Хита.
Според него, „маскираните млади кои напаѓаат и користат насилство врз полицајците и предизвикуваат штета на јавниот и приватниот имот не се студенти, туку се вработени од оние кои го организираа протестот – внатрешни и надворешни фактори“.
Тој рече дека вкупниот број на повредени полицајци досега е 71, од кои неколкумина се сериозно.
„Во последните 72 часа, главниот град (на Албанија) се соочува со бранови на насилство, палежи и уништување, кои ги доведоа во опасност животите и безбедноста на граѓаните. Полицијата го гарантира уставното право на секој граѓанин, студент или политичка сила да протестира мирно, но протестот не може да биде штит за насилство и уништување имот“, рече генералниот директор на полицијата.
Хита ги отфрли обвинувањата за политичка вмешаност на службениците за спроведување на законот, нагласувајќи дека институцијата што ја води е во служба на законот и граѓаните. „Полицијата не е дел од ниедна политичка сила. Нашата мисија е да го заштитиме имотот и животот.“
Тој ги повика родителите и наставниците да не дозволуваат младите луѓе да бидат вклучени во насилни акти, ниту малолетниците да бидат искористени за нелегални акти.
„ Полицијата нема да се повлече. Институциите и граѓаните ќе бидат заштитени. Законот ќе се почитува строго без исклучок“, рече Хита.
Тој ја бранеше интервенцијата на полицајците за време на протестите во Тирана, велејќи дека употребата на сила и солзавец била пропорционална и во согласност со законот. Според него, употребата на солзавец била неопходна поради големиот број камења фрлени врз полицајците.
Изјавата на генералниот директор на албанската државна полиција доаѓа во услови на протести во Албанија, кои започнаа во Тирана на 13 октомври и продолжуваат денеска во главниот град и други градови во земјата. Демонстрациите беа предизвикани, според нивните организатори, од лошите услови на универзитетите, високата цена на високото образование, лошата финансиска поддршка и лошите изгледи за работа по дипломирањето. За време на демонстрациите, имаше и повици за итна оставка на премиерот Еди Рама и формирање привремена влада.
Во изминатите три дена, во Тирана се регистрирани палежи и уништувања, а е предизвикана штета на институции, театри, музеи, банки и бизниси. Повеќето од продавниците во центарот на Тирана остануваат затворени. Полицијата неколкупати употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите и приведе десетици демонстранти. Според Министерството за здравство на земјата, вкупно 89 лица – 61 полицаец и 18 демонстранти – побарале медицинска помош по вчерашните демонстрации.
Албанскиот премиер денеска во интервју за Ројтерс изјави дека нема да поднесе оставка под притисок од демонстрациите, ниту ќе дозволи насилството да го попречи европскиот пат на неговата земја. Претходно, во обраќање на социјалните мрежи, премиерот ја обвини опозицијата во земјата за ескалацијата на протестите во последните денови и изрази подготвеност за дијалог со демонстрантите.


