Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски: Скопје 2028 – со силни партнерства го отвораме патот кон европската културна сцена

15/10/2026  15:02

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер, директорот на Францускиот институт во Скопје, Грегоар Жислер, и директорот на Фондацијата „Скопје ЕПК 2028″ Марјан Цветковски, го означија почетокот на едно значајно стратешко партнерство со потпишување на Меморандум за соработка меѓу Фондацијата и Францускиот институт, под високото покровителство на Град Скопје.

– Со ова партнерство отвораме врати за заеднички уметнички продукции, размена на уметници и експерти и развој на културните и креативните индустрии. Создаваме простор нашите творци да се поврзат со европската културна сцена, а скопјани да добијат нови, квалитетни и достапни културни содржини. Скопје има дух, има талент и има приказна што заслужува да ја види и слушне цела Европа. Наша обврска е да создадеме можности таа приказна да го добие своето вистинско место – изјавив Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека Град Скопје посебно ќе се посвети на соработката со Бурж, со кој во 2028 година ја споделуваме титулата европска престолнина на културата, како и на можноста за реализација на „Француска сезона во Скопје 2028″.

– Градиме мостови меѓу нашите градови, нашите уметници и нашите култури, со амбиција тие врски да траат и долго по 2028 година. За мене, успехот на Скопје 2028 ќе се мери и со можностите што ќе ги создадеме за младите, со поддршката за нашите уметници и со културата што ќе стигне до секој граѓанин. Сакам оваа титула да остави трајна вредност во животот на нашиот град. Заедно ја претвораме визијата во конкретна соработка. Скопје има што да ѝ покаже на Европа. Со својот културен идентитет, со својата креативност и со своите луѓе е подготвено да остави силен белег – рече Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски упати искрена благодарност до амбасадорот Ле Риголер, Францускиот институт и сите партнери за довербата и поддршката.