
Соопштение за јавност на Левица:

По повод Меѓународниот ден на руралната жена, раководителот на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) при Левица, Евгенија Станкоска, на денешната прес-конференција најави дека Левица повторно ќе го поднесе Предлог-законот со кој се бара индивидуалните земјоделки да добијат законски загарантирано право на платено породилно отсуство.
Предлог-законот беше поднесен во 2023 година, но тогашната власт предводена од СДСМ не го усвои. Три години подоцна, земјоделките и понатаму плаќаат придонеси во систем во кој не им се гарантирани основните права кога ќе станат мајки.
Станкоска посочи дека Законот за работните односи не ги препознава индивидуалните земјоделки како лица во работен однос, со што им се ускратува правото на породилно отсуство и боледување. Наместо системско законско решение, државата воведе програма за финансиска помош со ограничен буџет и дополнителни услови. Во период од две години биле поднесени десет барања, од кои осум биле одбиени. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дискриминација и покренала судска постапка против Владата и Министерството за здравство.
Дополнително, земјоделското производство се соочува со високи трошоци и неизвесен откуп, додека жените што учествуваат во него често немаат сопствен приход од својот труд. Шест од десет невработени жени во руралните средини работат неплатено на семејните фарми. Тоа значи дека обработуваат земја и произведуваат храна, но често немаат сопствена економска независност, ниту контрола врз имотот и финансиите. Во вакви услови, породувањето дополнително ја загрозува нивната економска сигурност.
Од Левица посочуваат дека демохристијанската власт декларативно се залага за семејството и демографската обнова, но без материјална сигурност овие заложби остануваат само празни зборови. Државата не може да зборува за поттикнување на наталитетот, а истовремено да остава мајки без навремено исплатен надоместок, додека на други воопшто не им го гарантира тоа право. Од жените се очекува да ги преземат обврските на мајчинството, без притоа да им се обезбедат основните услови за економска сигурност.

„Во Македонија има над 38.000 регистрирани земјоделки. Каква вредност има формалната еднаквост ако жените што учествуваат во производството на храна немаат економска сигурност кога ќе станат мајки? Затоа повторно го поднесуваме овој закон и бараме породилниот надоместок да биде загарантирано работничко право, а не привремена помош што зависи од добрата волја на министрите.”, истакна Станкоска.

