Skip to main content
Хроника

Не дарувал ни капка крв, а добил шест дена платено отсуство – полицаец заработи кривична пријава

15/10/2026  09:46

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднел кривична пријава против полицискиот службеник А.А., вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти, поради сомнение дека сторил кривично дело „фалсификување исправа“.

Според информациите од МВР, пријавениот на 3 март и 9 јули 2026 година не дарувал крв во Институтот за трансфузиона медицина при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, но и покрај тоа изготвил и употребил две лажни потврди со кои прикажал дека бил крводарител.

Врз основа на фалсификуваните документи, полицискиот службеник поднел две барања за користење платено отсуство, секое во времетраење од три работни дена.

Првото отсуство го искористил на 3, 4 и 5 март, додека второто на 9, 10 и 13 јули годинава.

На овој начин, според сомнежите на внатрешната контрола, полицискиот службеник незаконски искористил вкупно шест работни дена платено отсуство, повикувајќи се на крводарителство кое не било извршено.

Кривичната пријава е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, односно до Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

Освен кривичната пријава за делото „фалсификување исправа“ по член 378 од Кривичниот законик, Одделот за внатрешна контрола ќе поднесе и предлог за поведување дисциплинска постапка против полицискиот службеник поради кршење на работниот ред и дисциплина.