Шекеринска: Се посветивме на договорот со Грција, но не ги запоставивме реформите

Заменик-претседателката на СДСМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, одржа работен состанок – брифинг со амбасадори и претставници на дипломатските претставништва на повеќе земји во Република Македонија.

Пред присутните, заменик-претседателката Шекеринска зборуваше за реформскиот процес, коментирајќи дека огромен дел од работата е завршен, но сè уште претстојат бројни предизвици и доста работа.

Се посветивме на спроведување на договорот со Грција, но не ги запоставивме ниту обврските со зацртаните реформи. Многу од донесените закони се консултирани со Европската комисија, со Венециската комисија, но и со опозицијата во парламентот. Продолжуваме со консултации, со независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои дадоа значаен придонес во досегашниот процес, но ќе продолжиме да правиме напори за вклучување и на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со цел да добиеме што поширока поддршка за законите што треба да се донесат, особено оние кои се однесуваат на правосудството. Ќе продолжиме посветено да работиме на реформскиот процес што е во интерес на граѓаните и државата“, посочи Шекеринска.

Таа пред амбасадорите изрази задоволство од усвојувањето на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси со што оцени дека се создава нова силна и независна Државна комисија за спречување на корупцијата, која преку зголемените надлежности и независниот состав, вистински ќе се бори против корупцијата и судирот на интереси.

Шекеринска им се заблагодари на амбасадорите за поддршката што нивните земји ѝ ја даваат на Македонија во интегративниот процес кон ЕУ и НАТО и во спроведувањето на договорот од Преспа и изрази уверување дека договорот ќе биде ратификуван и во Парламентот во Грција, по што ќе следува усвојување на Протоколот за членство во НАТО.

Присутните амбасадори и претставници на дипломатски мисии во државата упатија честитки за успешното спроведување на договорот од Преспа и напредокот на Македонија во интегративниот процес и истовремено изразија уверување дека Владата предводена од СДСМ ќе продолжи посветено да работи на реформите што обезбедуваат силни и независни институции, владеење на правото и ја приближуваат државата кон ЕУ и НАТО

Треба да знаете
Последни објави