
Несакани физички допири, навредливи сексуални шеги, ветувања за напредување во замена за сексуални услуги и закани за одмазда се дел од облиците на сексуално вознемирување на работното место во македонските училишта, покажува истражување на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).
Истражувањето, спроведено меѓу 1.057 вработени во 26 училишта низ Македонија, открива загрижувачки податоци за изложеноста на различни форми на сексуално вознемирување, при што жените и вработените во техничките служби се меѓу најпогодените категории.
Според резултатите, жените се до 4,6 пати почесто изложени на сексуално вознемирување во споредба со мажите, додека техничкиот персонал е речиси три пати поизложен во однос на наставниот кадар.
Особено загрижува податокот дека дури 9 проценти од вработените во техничките служби, односно приближно секој единаесетти, изјавиле дека доживеале несакан физички допир.
Најраспространета форма на сексуално вознемирување, според истражувањето, се навредливите сексуални шеги, на кои биле изложени 5,5 проценти од испитаниците, односно приближно секој осумнаесетти вработен.
Од Комисијата предупредуваат дека ваквото однесување често се релативизира и се претставува како безопасна шега, иако може да претставува сериозна повреда на достоинството на вработените.
„Ајде бе, само шега беше“. Колку пати сте ја слушнале оваа реченица? Навредливите сексуални шеги се најчестата форма на сексуално вознемирување на работното место (5,5%). Шега е кога сите се смеат. Кога некој молчи, се црвени или излегува од просторијата, тоа е вознемирување“, нагласуваат од Комисијата.
Потпретседателот на КСЗД, Зекир Абдулов, посочува дека образовните институции мора да обезбедат безбедна работна средина за сите вработени, без оглед на нивната позиција или работните задачи.
„Училиштето треба да биде безбедно место не само за учениците, туку и за секој што работи во него. Сексуалното вознемирување не е шега ниту приватен проблем – тоа е дискриминација забранета со закон“, истакнува Абдулов.
Тој нагласува дека согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, сексуалното вознемирување претставува форма на дискриминација, а работодавачите имаат законска обврска да преземат соодветни мерки за негово спречување.
Ова значи дека училиштата, како работодавачи, имаат одговорност да обезбедат работна атмосфера во која вработените нема да бидат изложени на понижувачко, навредливо или сексуално вознемирувачко однесување.
Од КСЗД посочуваат дека Комисијата веќе постапувала по претставки поврзани со сексуално вознемирување, а вработените кои се соочуваат со вакви ситуации имаат право да побараат институционална заштита.
„Сексуалното вознемирување е дискриминација забранета со закон. Ако го доживувате или сте сведок, не сте сами. Пријавете до КСЗД“, порачуваат од Комисијата.
Во рамките на проектот „Виолет“, во наредните месеци ќе бидат реализирани медиумски кампањи чија цел е зголемување на јавната свесност за сексуалното вознемирување, препознавање на неговите различни форми и информирање за механизмите за пријавување.
Истражувањето укажува на потребата од поголема информираност, превенција и институционална реакција, особено во образовните установи, каде што безбедноста и достоинството треба да бидат загарантирани не само за учениците, туку и за сите вработени.

Податоците се однесуваат на анкетираните вработени во 26 училишта и не претставуваат автоматски процена за сите вработени во образованието во Македонија.

