
Лидерката на француската крајнодесничарска партија Национален собир, Марин Ле Пен, и натаму има убедлива предност во првиот круг од претседателските избори што треба да се одржат следната година, освојувајќи меѓу 35 и 37 проценти од гласовите, додека во вториот круг би се пласирал лидерот на левицата Жан-Лик Меланшон со 18 до 19 проценти, покажува најновата анкета на агенцијата „Толуна Харис Интерактив“ за телевизијата М6 и радиото РТЛ, која денеска ја пренесе БФМ ТВ.

Според резултатите од истражувањето, Меланшон, кој ја предводи партијата Непокорена Франција, во сите испитани сценарија го надминува Едуар Филип од десноцентристичката партија Хоризонти (за кого би гласале меѓу 13 и 17 проценти во зависност од поддршката во центристичкиот блок). Лидерот на партијата Преродба, Габриел Атал, би освоил меѓу пет и 12 проценти, а социјалдемократскиот кандидат Рафаел Глуксман меѓу 10 и 11 проценти од гласовите. Се проценува дека лидерот на десноцентристичките Републиканци, Бруно Ретајо, би добил меѓу седум и 10 проценти.
Истражувањето покажува и дека откритијата на порталот Медијапарт за антисемитските изјави што му се припишуваат на партискиот функционер Жордан Бардела од периодот на неговата младост не ѝ наштетиле на партијата Национален собир, но донекаде го нарушиле неговиот имиџ во споредба со Ле Пен.
Додека претходните истражувања покажуваа дека јавноста нема различна перцепција за двајцата партиски лидери, сега Бардела изгуби дел од довербата, поради што Марин Ле Пен изгледа поубедливо отколку во јули. Имено, 51 процент од Французите сметаат дека Марин Ле Пен би била добра претседателка, што е зголемување за шест процентни поени во споредба со почетокот на летото, додека истото мислење за Жордан Бардела го имаат 47 проценти од анкетираните.

