Skip to main content
Свет

ЕУ целосно ја забранува употребата на бисфенол А во амбалажата за храна

12/10/2026  20:23

Европската Унија донесе одлука за целосна забрана на употребата на опасната хемикалија бисфенол А (БПА), како и на сличните бисфеноли БПС и БПФ, во амбалажата и садовите за храна. Новата, построга регулатива, која ги опфаќа и еднократните и повеќекратните предмети како шишиња за вода, кутии за ужина или кујнски прибор, ќе се применува постапно за да се спречи оваа хемикалија да стигне во човечкиот организам преку храната.

Одлуката на ЕУ уследи откако Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) во 2023 година објави научно мислење во кое заклучи дека изложеноста на БПА преку исхраната претставува здравствен ризик за сите возрасти и драстично, дури 20.000 пати, го намали дозволениот дневен внес.

Оваа хемикалија претставува докажан ризик за имуниот и хормоналниот систем, а научните студии ја поврзуваат со астма, автоимуни болести, дијабетес, неплодност и одредени видови карцином, пишува „Дојче веле“. Бисфенол А е индустриска хемикалија која со децении се користи за производство на поликарбонатна пластика, смоли за внатрешниот слој на конзервите и лименките, како и во пластични фолии, лепила и бои.

Според податоците на еколошката организација БУНД, само во Германија годишно на пазарот се пласираат околу 410.000 тони од оваа материја. Новата регулатива ги опфаќа и алтернативните бисфеноли (БПС и БПФ) за да се избегне замената со исто толку штетни материи.

Иако бисфенолите се присутни и во воздухот, прашината и водата, исхраната е главен извор на изложеност. Студија на Европската агенција за животна средина покажа дека 100 проценти од испитаниците биле изложени на концентрација на БПА над безбедните граници, додека во 11 европски земји БПА бил откриен во урината кај 92 проценти од учесниците.

Најновата забрана во ЕУ е најстрога во светот – без дополнителни преодни рокови, освен за специфични сектори каде што сè уште нема безбедни алтернативи. Таков е случајот со конзервите за кисела храна, риба, овошје и зеленчук, кои ќе можат да имаат премаз со БПА сè до 2028 година за да се спречи оштетување на лимот од киселината.

Иако во ЕУ не постои обврска за наведување на премазот со БПА на производите, стручњаците им препорачуваат на потрошувачите да избегнуваат храна од конзерви и пластичен кујнски прибор, а наместо нив да користат садови и прибор од стакло, дрво или нерѓосувачки челик.