
Проширувањето на Европската Унија добива замав и на повидок се четири меѓувладини конференции за пристапување со Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, при што земјите што предничат во процесот остваруваат резултати – изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Во пресрет на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, таа истовремено предупреди дека измените на законот за Специјализираните совети на Косово се спротивни на основните обврски на Приштина кон Унијата.
„Земјите што предничат во процесот на проширување остваруваат резултати, а и ние го правиме истото“, објави Кос на платформата Икс, истакнувајќи дека напредокот мора да оди паралелно со стратешкото усогласување и почитувањето на владеењето на правото, бидејќи безбедноста на ЕУ зависи од овие два принципа.
Кос истакна дека ЕУ не може да си дозволи да прими нови членки кои нема да придонесат за нејзината безбедност, додавајќи дека дебатата за Меѓународниот кривичен суд покажала колку е важно да се зачува почитувањето на владеењето на правото.
„Меѓународното право е од клучно значење за мирот и безбедноста. Тоа е особено важно на Западен Балкан, каде што, по смртта на воен злосторник, можевме да видиме дека националистичките тенденции повторно се разгоруваат“, изјави Кос, потсетувајќи дека историјата покажува што се случува кога таквите тенденции ќе надвладеат.
Еврокомесарката упати и директна критика до Косово во врска со последните законски измени.
„Сакам да бидам јасна и во врска со тоа дека измената на законот за Специјализираните совети на Косово е спротивна на основните обврски на Косово кон ЕУ. Тоа е неприфатливо. Менувањето на правилата додека судската постапка е во тек е спротивно на сите меѓународно утврдени стандарди за владеење на правото“, порача Кос.

Таа ја заврши пораката со предупредување до сите кандидатки: „Мојата порака е многу едноставна. Европското проширување продолжува. Но, ако земјите кандидати се движат наназад, тие не се на вистинскиот пат и навистина нема да можат да станат членки на ЕУ“.
