Skip to main content
Економија

ЕУ бара посигурни синџири за критични минерали, а Македонија сè уште бара начин да се позиционира

09/10/2026  11:59

Европската Унија сè повеќе го нагласува значењето на диверзификацијата на снабдувањето со критични суровини и развојот на транспортни коридори што ќе ја намалат зависноста од ограничен број трговски правци. Во таа стратегија, географската положба на Македонија, Бугарија и Албанија има важна улога, беше истакнато на Министерската конференција за Коридор 8 во Софија.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос нагласи дека инфраструктурното поврзување од Црното до Јадранското Море, со продолжување кон Италија, може да донесе придобивки за економиите долж трасата. Таа посочи дека Европа ја почувствувала ранливоста што произлегува од зависноста од ограничени извори на енергија, критични суровини и транспортни рути.

И покрај ваквите европски приоритети, Македонија засега не е активно вклучена во исполнувањето на целите од Директивата за критичните минерални суровини. Паралелно, во земјата се отвораат прашања за условите во кои се развиваат големи инвестиции, меѓу нив и проектот „Иловица-Штука“.

Овие две теми отвораат поширока дилема: како Македонија ќе ги усогласи своите развојни приоритети со европските потреби за инфраструктура и сигурност на снабдувањето, а притоа ќе обезбеди јасни процедури и соодветно разгледување на економските, еколошките и општествените прашања.

Кос најави дека ЕУ работи на мобилизирање до 12 милијарди евра јавни и приватни инвестиции за подобрување на патиштата, железниците и пристаништата, како и за изградба на капацитети и намалување на доцнењата на границите.

Еврокомесарката за проширување претходно во текот на неделава во Брисел го презентираше и планот на Европската Комисија за побрзо интегрирање на земјите кандидатки, потенцирајќи дека идните членки можат да ја зајакнат одбранбената подготвеност на Унијата.

„Преку постоењето на ефикасни власти и почитувањето на заедничките правила, процесот на проширувањето може да го зајакне влијанието на политиките на Унијата во поголем обем. Поголемиот Единствен европски пазар, подобриот пристап до критичните суровини како што се ретките метали и подобрените индустриски капацитети создаваат можности за трговија, инвестиции и раст. Посилните енергетски, транспортни и дигитални мрежи ги намалуваат зависностите и ја зголемуваат безбедноста“, пишува во Планот.

Македонија како земја кандидат се очекува наскоро да го приспособи домашното законодавство во областа на рударството и геологијата со тоа на Унијата. Досега се усвоени Стратегија за минерални суровини 2026-2046 и Акциски план 2026-2030. Една од точките во Планот е изработка на Каталог на критични минерални суровини во Македонија. 

„На Геолошкиот Завод (ГЗМ) да му се даде задача, во период од две години, да направи анализа на потенцијалите за екстракција и рециклирање на критични метали и критични минерали во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а со поддршка на рударската индустрија и индустријата за рециклирање (која е на многу ниско ниво на развој). Направената анализа треба да се поврзе со вкупните потреби на Европската Унија за критични метали и минерали. Резултатите од таквата анализа би можеле да бидат добра основа за стимулирање на поефикасната употреба и поефикасното искористување на Македонските метали и минерални ресурси, да покаже како Република Северна Македонија може да придонесе да се зголеми покриеноста на индустријата на Европа со користење на домашните минерални суровини, а истовремено и да ги зголеми можностите на Европа за извоз на критични метали и минерали, како и да се идентификуваат потенцијалните деловни можности за развој на нови бизниси“, пишува во Акцискиот план.

Дел од критичните минерали по кои трага ЕУ, а со кои Македонија изобилува, е бакарот. Единствен напреден проект во моментов е инвестицијата за ископ на бакар во Иловица, зад која стои мултинационалната компанија Трафигура. Додека и во Акцискиот план кој го изготвија експерти од повеќе институции, меѓу кои и МАНУ, се повикува да се разгледаат деловните можности за нови бизниси во рударството, сепак дел од јавноста континуирано го критикува проектот во Иловица. Металуршкиот инженер и аналитичар Виктор Грозданов, во последната колумна, изрази сомнеж дека зад критиките стои „руска пропаганда“ со лажни вести. Според него, институциите треба да расчистат за тоа кој ги загрозува стратешките интереси на Македонија кои се на линија со оние на ЕУ, НАТО и САД.

„Кој сака да го спречи влегувањето на една фирма со промет од 245 милијарди евра годишно во последните 10 години, која работи низ целиот свет, каде се вклучени самопрогласени еко активисти кои не манипулираат, најбрутално лажат за процеси и дигнале паника кај населението, а за истите немаат елементарни познавања“, прашува Грозданов.

Инаку, САД и ЕУ веќе одамна креираа Листа на критични минерални суровини, чија употреба е значајна во голем број на индустрии, вклучително и во воената. ЕУ го впиша бакарот образложувајќи дека металот „се користи во сите електрични и електронски апликации, вклучувајќи технологии за обновлива енергија, дистрибутивни мрежи, електрични возила, електронски уреди, авиони и одбранбени технологии, а ЕУ е зависна од снабдувањето со бакар од трети земји, особено во фазата на екстракција“. Се предвидува дека побарувачката на ЕУ за бакар ќе се зголеми за повеќе од 50% до 2050 година.