Моргерини покажа сериозна загриженост за последните апсења на универзитетски професори во Турција

Европската унија е сериозно загрижена во врска со големиот број новинари и универзитетски професори кои сѐ уште се наоѓаат зад решетки во Турција, изјави денеска еврокомесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан по средба со турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.

Хан ова го изјави на заедничка прес-конференција во Анкара со Чавушоглу и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.

Могерини рече дека изразила сериозна загриженост за време на разговорите со Чавушоглу за последните апсења на универзитетски професори и рече дека се надева оти лидерот на прокурдската Демократска партија на народите (ДПН) Селахатин Демирташ наскоро ќе биде ослободен.

Чавушоглу од своја страна изјави дека очекува поголема поддршка од ЕУ за прашања поврзани со борбата против тероризмот.

– Турција во борбата против тероризмот очекува поконкретна поддршка од членките на ЕУ, ја цитира агенцијата Анадолја изјавата на Чавушоглу.

Шефот на турската дипломатија го коментираше и убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот Конзулат во Истанбул и порача дека сите детали на злосторството мора да се расветлат.

– Постојат прашања на кои се чекаат одговори. Турција внимателно го следи случајот во кој е потребно да се откријат и извршителите и налогодавците на бруталното убиство кое е извршено со предумисла, изјави Чавушоглу.

Чавушоглу денеска во Анкара се состана со Могерини и Хан, во рамките на Високиот политички дијалог на Турција и ЕУ.

– Овој состанок има две цели. Првата е да ги разгледаме сите аспекти на соработка меѓу Турција и ЕУ, а другата е размена на ставовите за ситуацијата во регионот, безбедносните и надворешнополитичките теми, изјави Чавушоглу.

Треба да знаете
Последни објави