
Смртта на 28-годишната Дарја Шипилова, вработена во институт за истражување на чумата во рускиот град Иркутск, предизвика големо внимание и отвори прашања за причината за нејзиното заболување и безбедноста во установата во која работела.

Шипилова починала на 2 октомври, откако неколку дена претходно била хоспитализирана. Официјално, руската служба за јавно здравје „Роспотребнадзор“ како причина за смртта наведува пневмонија со непознат причинител и соопштува дека не биле пронајдени докази за лабораториски инцидент со опасни патогени.
Случајот, сепак, предизвика сомнежи откако во руските медиуми и на социјалните мрежи се појавија информации дека младата жена можеби заболела од белодробна чума.
Дополнителна неизвесност предизвика и објавата на шефот на соседниот регион Бурјатија, Алексеј Циденов, кој првично ја опишал Шипилова како жена која починала од чума. Подоцна објавата била изменета и било наведено дека таа „можеби“ починала од оваа болест.
По нејзината смрт беа преземени засилени епидемиолошки мерки. Според медиумските извештаи, околу 200 лица кои можеби биле во контакт со Шипилова биле ставени под медицински надзор, а во дел од здравствените установи биле воведени ограничувања.
Руските власти ја информирале Светската здравствена организација дека во Иркутск нема регистрирани случаи на чума и дека кај лицата кои биле во контакт со починатата не биле откриени опасни заразни причинители.
Сепак, според „Ројтерс“, останува нејасно дали информациите доставени до СЗО ги вклучуваат и резултатите од тестирањето на самата Шипилова и дали чумата дефинитивно е исклучена како причина за нејзината смрт.
Според последните информации, кај дел од лицата ставени под надзор биле откриени Ковид-19 и риновирус, но не и чума или друга особено опасна заразна болест. Најголемиот дел од околу 200 лица кои првично биле изолирани во меѓувреме биле пуштени.
СЗО ја проценува опасноста од пошироко ширење како ниска. Според проценката, ризикот за Иркутск е умерен до низок, за Русија низок, а за европскиот регион многу низок.
Чумата ја предизвикува бактеријата Yersinia pestis, која природно циркулира кај одредени мали цицачи и нивните болви. Бубонската форма најчесто се пренесува преку каснување од заразена болва, додека белодробната форма ги зафаќа белите дробови и може да се пренесува од човек на човек при близок контакт преку респираторни капки.
За разлика од времето на големите историски епидемии, денес болеста може да се лекува со антибиотици, но раното откривање и започнувањето терапија се од исклучително значење, особено кај белодробната форма која може брзо да напредува.
Случајот во Иркутск и натаму е предмет на внимание на меѓународната јавност. Експертите бараат дополнително разјаснување за тоа што точно ја предизвикало пневмонијата кај 28-годишната Шипилова, дали имало каква било изложеност на работното место и што покажале лабораториските испитувања.

Засега нема потврда за пошироко ширење на чума, ниту за појава на нови случаи меѓу контактите на починатата.
