Skip to main content
Македонија

Младите си заминуваат: СДММ и УМС со различни ставови за причините и решенијата

06/10/2026  20:48

Масовното иселување на младите, нискиот животен стандард, довербата во институциите и потребата од подобри услови за живот беа во фокусот на дебатата меѓу претставниците на младинските организации на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Стефанија Кузмановска од Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) оцени дека иселувањето на младите повеќе не може да се гледа исклучиво како економски проблем, туку и како последица на незадоволството од функционирањето на системот и недостатокот на перспектива.

„Младите заминуваат од државата барајќи подобро здравство, подобар образовен систем, непартизирани институции и општество ослободено од корупција. Тие живеат со европски цени, а не гледаат европски стандарди и перспектива“, истакна Кузмановска.

Во дебатата беше отворено и прашањето за одговорноста на СДСМ, имајќи предвид дека партијата седум години беше на власт. Кузмановска призна дека во тој период биле направени грешки и рече дека токму поради нив СДСМ денес е во опозиција.

Сепак, таа упати критики и кон актуелната власт, порачувајќи дека младинските политики не смеат да останат само на декларативни заложби.

„Заради грешките во минатото, СДСМ е опозиција. Но, младите не смеат да се користат само како политичка флоскула. Владејачката партија мора да понуди реални промени, да го реши станбеното прашање, да го подобри домувањето и да се погрижи за животната средина“, рече Кузмановска.

Од друга страна, претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Тодор Конески, посочи дека актуелната власт уште од почетокот на мандатот го поставила младинското прашање високо меѓу своите приоритети.

Како еден од аргументите тој го посочи формирањето на Министерството за социјална политика, демографија и млади, оценувајќи дека демографските предизвици и положбата на младите мора да се решаваат паралелно.

„Демографијата и младите се нераскинливо поврзани. Македонија е силно погодена од ‘белата чума’ и демографскиот пад. Доколку не постапиме правилно и системски, набргу нема ни да имаме млада генерација за која ќе зборуваме дали треба да замине или да се врати“, беше истакнато во дебатата.

Од УМС посочија дека се потребни конкретни и долгорочни политики кои ќе го подобрат животниот стандард и ќе создадат услови младите својата професионална и семејна иднина да ја градат во Македонија.

Двајцата младински претставници се согласија дека иселувањето и демографскиот пад се меѓу најсериозните предизвици за државата, но изнесоа различни ставови околу досегашните политики, одговорноста и начинот на кој треба да се создадат подобри услови за младите да останат во земјата.