
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) размислува за промена на начинот на пресметување на цената на природниот гас во Македонија, со модел сличен на оној што се применува кај нафтените деривати. Целта е цената да се врзе за референтна берзанска цена и да се воспостави појасен модел за пресметка, најави претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
„Согласно методологијата, можеби понатаму веќе почнуваме да размислуваме и кај гасот да се врземе за берзанска цена“, рече Ристов.
Во моментов пресметката е посложена бидејќи повеќе компании увезуваат природен гас во Македонија, а при утврдувањето на соодветните трошоци се земаат предвид нивните набавни цени.
Новиот пристап би требало да се движи кон принцип сличен на оној што се користи кај нафтените деривати, односно да постои референтна берзанска цена врз основа на која би се правеле пресметките.
„Се работи над таа методологија да почнеме да работиме како со нафтените деривати за гасот“, посочи Ристов.
Еден од проблемите, според него, е големата нестабилност на европските берзи за природен гас. Цената може значително да се промени за краток период, што создава дополнителна неизвесност за земји како Македонија кои зависат од тековните набавки.
„Берзата е манипулативна. Денеска може да биде 80, утре 60, па 70, меѓутоа немате стално, односно регулирана предвидлива цена за години однапред“, рече претседателот на РКЕ.
Токму затоа, покрај новата методологија, Ристов смета дека Македонија треба да работи и на обезбедување долгорочни договори за снабдување со природен гас. Земјите кои располагаат со долгорочни договори и складишни капацитети, според него, можат полесно да ги амортизираат наглите ценовни шокови на берзите.
Дополнителни можности за диверзификација треба да донесат и новите гасни интерконектори.
„Многу е важно ова да се стабилизира и Македонија, со овие интерконектори кои сега ги прави, да најде начин да склучи долгорочни договори со некого“, изјави Ристов.
Како еден од поголемите недостатоци на македонскиот енергетски систем тој го посочи фактот дека земјата нема сопствени капацитети за складирање природен гас.
„Нема држава која што нема складишта на гас, ние, за жал, немаме“, рече Ристов.
Изградбата на вакви капацитети би претставувала голема инвестиција, но Ристов смета дека прашањето би можело повторно да стане актуелно доколку во иднина се развиваат нови когенеративни централи за производство на електрична и топлинска енергија кои би трошеле значителни количества природен гас.

Пазарот на големо со природен гас во Македонија е либерализиран, а снабдувачите самостојно одлучуваат од каде и по која цена ќе го набавуваат гасот. РКЕ, пак, ги утврдува тарифите за регулираните дејности, меѓу кои преносот и дистрибуцијата.

