Skip to main content
Македонија

Петров: Оваа недела го доставуваме планот до СДСМ, сулудо е да се чека

29/09/2026  22:27

Проф. д-р Андреј Петров, гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, најави дека во текот на оваа недела иницијаторите на платформата ќе го достават својот план до СДСМ, односно до претседателот на партијата.

Според Петров, документот содржи повеќе точки, како и конкретна динамика според која иницијаторите сметаат дека треба да продолжи процесот во партијата.

„Ние ќе го доставиме планот наш до СДСМ, односно до претседателот на партијата, со повеќе точки како ќе се продолжи натаму“, рече Петров.

Тој истакна дека планот е подготвен со, како што рече, искрена желба да се помогне на СДСМ, додека одлуката за тоа како и кога ќе биде разгледан останува на партиското раководство.

„Може ќе му треба време да го разгледа, може ќе ни одговори веднаш, мене ова не ме интересира, не можам да знам“, изјави Петров.

Тој порача дека иницијаторите имаат план и утврдена динамика и дека се убедени оти аргументите што ги изнесуваат се оправдани.

„Направено е со искрена желба и желба да се помогне. Имаме план, имаме динамика, нека оценат луѓето кој греши, а кој е во право“, порача Петров.

Осврнувајќи се на актуелната состојба во СДСМ, Петров оцени дека партијата се наоѓа на сериозно ниско ниво на поддршка и предупреди дека нема простор за натамошно одложување на промените.

„Ние сме убедени дека нашите аргументи држат, дека СДСМ е на слабо ниво и послабо не може да оди“, рече тој.

Според Петров, партијата треба навреме да почне со подготовките за следниот парламентарен изборен циклус, наместо да чека состојбите дополнително да се усложнат.

„Сулудо е да се чека“, порача Петров, посочувајќи дека актуелната состојба во партијата може да се одрази и врз резултатот на следните парламентарни избори.

Тој повтори дека целта на иницијативата е да понуди конкретен план и да отвори процес на промени во СДСМ, додека оценката за нивните предлози, како што рече, треба да ја дадат членовите на партијата и јавноста.