Во Владата на Република Македонија денеска се одржа свеченост по повод доделувањето на договорите за финансирање иновативни проекти на 20 домашни микро, мали и средни претпријатија, кои аплицираа на два јавни повика спроведени од страна на Фондот за иновации и технолошки развој.
Премиерот Зоран Заев во своето обраќање по повод настанот посочи дека Владата на Република Македонија и во иднина поизразено ќе вложува буџетски средства за развој на иновациите и порача дека соработката со Светската банка продолжува, институциите ќе продолжат да работат како сервис и партнер на бизнисот во остварување на целите за развој и на бизнис-идеите како дел од севкупниот развој на економијата.
„Цврсто сме уверени дека токму иновациите и технолошкиот развој ќе бидат еден од генераторите на економскиот развој на земјата и причина поради која младите луѓе ќе ги задржиме да живеат и работат тука во Македонија. Јас знам и со сигурност можам да констатирам дека нашата земја поседува огромен потенцијал за развој на иновативноста“, истакна премиерот.
На денешниот настан свое обраќање имаше и заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, кој истакна дека оваа Влада определила 47 отсто повеќе средства за поддршка на економијата во Република Македонија и првпат ги поддржува македонските компании.
„На сите добитници им честитам и посакувам проектите да бидат имплементирани што побргу, а тие да видат бенефит од таквите проекти. Овие проекти се доказ дека ние имаме млади паметни луѓе и ако тие се поддржани, ќе има зошто да останат да живеат и работат во Македонија“, рече вицепремиерот Анѓушев.
Претставниците на компаниите потписнички на договорите во своите обраќања објаснија на кој начин оваа финансиска поддршка ќе им помогне во реализацијата и во понатамошното развивање на нивните иновативни проекти.
Стефан Митевски од компанијата „Систем оф ентерпрајс“ порача дека мисијата на неговата компанија е таа да стане иновациски центар во осигурителната индустрија и дека овој тип финансиска поддршка е значајна во процесот на креирање нови производи, а претставникот на иноваторите на ГЕТ-велосипедот за компанијата „Венито Комерц“ посочи дека оваа иновативна идеја е, пред сè, на група студенти, потпомогнати од компанијата, а сега и од владата и од Фондот за иновации, чија реализација во иднина ќе значи и дел од решавањето на проблемот со загаденоста на воздухот во урбаните средини.