
Во насока на подобрување на деловната клима и ажурирање на бизнис регистарот, Општина Кисела Вода ги повикува сите правни и физички лица кои вршат угостителска дејност на оваа територија, а сè уште немаат доставено податоци, да го сторат тоа во најкраток можен рок.
Целта е, како што е соопштено, целосно евидентирање и олеснување на работењето на угостителскиот сектор во општината.
За упис во бизнис регистарот на Општина Кисела Вода, покрај Барањето, правните лица треба да приложат пријава до Државниот пазарен инспекторат за минимално-технички услови, доказ за сопственост или право на користење (за сместувачки капацитети, апартмани, соби или селски домаќинства) и доказ за платена административна такса од 50 денари.
За физичките лица кои вршат угостителска дејност потребни се доказ за сопственост и административна такса од 50 денари.
Сите потребни документи и обрасци се достапни на официјалната веб-страница на Општина Кисела Вода: https://opstinakiselavoda.gov.mk/…/20260915110600527.pdf
Дополнително, објектите за сместување подлежат на законска категоризација која ја врши општината, односно градоначалникот на Град Скопје, а субјектите имаат и обврска да поднесат пријава за утврдување на часот на отпочнување и распоредот на работното време. Целокупната документација се доставува во Архивата на Општина Кисела Вода со назнака „За упис во регистар“, додека за сите дополнителни информации и поддршка, заинтересираните можат да се обратат на телефонскиот број 072/314-945.

Оваа иницијатива е дел од пошироките активности на Општина Кисела Вода, каде што веќе успешно функционира Совет на стопанственици, посветен на вмрежување на деловните ентитети, меѓусебна соработка и трајно унапредување на можностите за развој на локалните бизниси, соопшти општината


