
Од 1 ноември 2026 година, граѓаните на Русија, Белорусија и Турција ќе треба да имаат виза за влез, транзит и престој во Црна Гора.

Одлуката е донесена во рамки на процесот на усогласување на црногорската визна политика со политиката на Европската Унија, како дел од обврските поврзани со пристапувањето кон ЕУ.
Црногорската Влада на 23 јули 2026 година ја усвои измената на Уредбата за визниот режим, со која се предвидува воведување визна обврска за граѓаните на трите земји од 1 ноември.
Бидејќи безвизниот режим со Русија, Белорусија и Турција е регулиран и со меѓународни договори, Владата ќе преземе постапки за престанок на нивната важност.
За Турција, сепак, е предвидена можност за посебен режим. Црна Гора ќе започне постапка за склучување нов билатерален договор со кој би се регулирал визниот режим за носителите на дипломатски, службени и специјални пасоши.

Според црногорската Влада, со тоа би се овозможил континуитет на безвизниот режим за овие категории патни исправи, во согласност со правилата на ЕУ во областа на визното законодавство.

