Skip to main content
Македонија

Петровска: Две години зборувавме внатре во СДСМ, предлозите и решенијата беа игнорирани

24/09/2026  15:28

Актуелната пратеничка на СДСМ и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска на денешниот брифинг на организаторите на платформата „Разговори за иднината во 12:05“ ги образложи причините поради кои незадоволството од состојбите во партијата почнало јавно да се изнесува.

Според Петровска, пред јавното активирање на платформата, во период од околу две години биле водени разговори во рамките на СДСМ, вклучително и со партискиот лидер Венко Филипче.

Таа тврди дека разговорите не довеле до конкретни промени и дека дел од неопходните системски промени не биле спроведени.

„Подолг период зборував внатре во партијата, имав неколку разговори со претседателот на партијата и тие разговори или завршуваа со одмолчување или со потврдување, а потоа неспроведување на решенијата. Затоа, по две години одлучивме медиумски да се појавиме“, рече Петровска.

Таа на брифингот изнесе и тврдење дека од актуелното раководство на СДСМ добила понуди да стане негов дел, но дека не ги прифатила условите под кои, според неа, тие биле дадени.

„Имав непристојни понуди од раководството да бидам дел од него за сметка на тоа да туркам работи под маса. Јас не се согласив“, изјави Петровска.

Петровска оцени дека луѓето вклучени во платформата не се проблемот на СДСМ, туку дека можат да бидат дел од решението за состојбите во партијата.