Skip to main content
Македонија

Лукаревска до Јаневска: Кога сите ученици од училиштето „Киро Глигоров” ќе се вратат на настава со физичко присуство?

24/09/2026  14:35

Соопштение за јавност на СДСМ:

Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска побара од министерката за образование Весна Јаневска да каже кога сите ученици од ООУ „Киро Глигоров” ќе ја продолжат настава со физичко присуство.

Лукаревска ја потсети Јаневска дека пред 13 дена од собраниската говорница најави дека за една недела сите ученици ќе учат со физичко присуство. Во училиштето учениците од прво до петто одделение учат со физичко присуство, додека учениците од шесто до деветто одделение сè уште следат онлајн настава.

Лукаревска посочи и на претходното ветување на Јаневска  дека реконструкцијата ќе заврши за две недели, потенцирајќи дека во училиштето сè уште има градежни работи, а техничкиот прием не може да биде завршен поради потребата од дополнителни проверки.

Лукаревска рече дека не треба да се лицитира со рокови кога реалноста е поинаква и побара објаснување каде е застојот со реновирањето и кога учениците ќе се вратат во училишните клупи.

Во продолжение интегрален текст од обраќањето на Лукаревска:

Почитувана министерке,

Се сеќавате дека пред точно 13 дена од оваа говорница Ви поставив пратеничко прашање за ООУ ,, Киро Глигоров, односно за надминување на проблемот со спроведување на образовниот процес. Тогаш беше 11 септември и Вие токму од оваа говорница го рековте следново: „За една недела сите ќе учат со физичко присуство.,, Значи да прецизираме, една недела од 11 септември е 18 септември, а денес е 24 септември. Не учат сите со физичко присуство тгоа е факт. Ситуацијата е статус кво, од 1 до 5 одделение учат со физичко присуство, останатите од 6 до 9 се на онлајн настава.

На почетокот на училишната година од дворот на ООУ ,, Киро Глигоров ,, исто така ветивте, дека за две недели, односно 10 работни дена, без 8 септември, сè ќе биде завршено за да се продолжи со физичко присуство. Ајде пак да пресметаме, од 1 септември, 10 работни дена, му доаѓа 15 септември. И доаѓаме до заклучок дека ни таа изјава, ни онаа од оваа говорница не е веродостојна. Не си стоевте на зборот. И сега мора повторно, а во интерес на јавноста да ги соочиме фактите, затоа што напоменавте минатиот пат – зад секоја своја изјава стојам и доколку сакате Ви стојам на располагање, јавно и пред сите да ја дискутираме поединечно.

Да, еве сакам, да ги дискутираме двете изјави и да разбереме конечно, сите целата јавност, да разберат и родителите, учениците, наставниците, каде е застојот. Каде се промаши целата оваа ситуација со реновирањето на училниците во ООУ ,, Киро Глигоров”.

Вчера баш бевте во посета на училиштето, веројатно ја видовте на лице место ситуацијата каква е. Градилиште, прашина, крпеници. Технички прием сè уште не може да се направи, заради тоа што мора да се преземат дополнителни дејствија, односно да се направат други соодветни проверки. 

Значи сепак, не може со леснотија да се расфрламе со датуми и рокови, а реалноста да е сосем поинаква. Во ваква ситуација не смее да си дозволите импровизација. Од типот на одење во втора смена, а од друга страна велите сите да учат до 16:30 часот, се побивате самите себеси. Со овој пристапна онлајн настава уште го кршите Законот за основно образование. Па еве ќе се обидам уште еднаш.

Моето конкретно прашање до Вас е кога сите ученици од сите одделенија во ООУ ,, Киро Глигоров, ќе почнат да учат со физичко присуство?