Skip to main content
Економија

Гувернерот Славески на „Микробалканс 2026″: Иновациите треба да придонесат за поодговорно и поинклузивно кредитирање

24/09/2026  11:34

„Иднината на кредитирањето треба да значи попаметен, поинклузивен и поодговорен пристап кон кредитите. Доколку успееме да ги споиме иновациите со стабилноста, технологијата со довербата, а конкуренцијата со одговорноста, тогаш ќе можеме да кажеме дека создаваме нова перспектива за кредитирањето”, истакна гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во своето воведно обраќање на Конференцијата „Микробалканс 2026 – Кредитирањето од нова перспектива”.

Гувернерот посочи дека технолошкиот развој, поголемата достапност на податоците и појавата на нови деловни модели ги поместуваат границите меѓу традиционалното банкарство и небанкарските финансиски услуги. Овој тренд е особено видлив на меѓународно ниво – според податоците на Одборот за финансиска стабилност (ФСБ), во 2024 година, небанкарскиот финансиски сектор во светот растел двојно побрзо од банкарскиот, додека во Европската Унија небанкарските извори обезбедуваат речиси една четвртина од кредитирањето на нефинансиските компании.

За разлика од развиените финансиски системи, македонскиот финансиски систем и понатаму е претежно ориентиран кон банкарскиот сектор. Активата на банките зазема околу три четвртини од вкупната актива на финансискиот систем.

„Во изминатите пет години, од 2020 до 2025 година, кредитирањето од небанкарските финансиски институции – финансиските друштва и лизинг-компаниите – растеше со просечна годишна стапка од 22,3%. Во истиот период, кредитирањето од страна на банките кон нефинансиските друштва и домаќинствата се зголеми со просечна годишна стапка од 9,6%”, истакна гувернерот Славески. Сепак, овие компании и понатаму имаат релативно мал удел, од околу 2,5% од вкупната актива на финансискиот систем.

„Технологијата не ги елиминира основните ризици во кредитирањето. Кредитниот ризик останува кредитен ризик, без оглед на тоа дали кредитот се одобрува во филијала или преку дигитална платформа. Затоа, иновациите мора да одат паралелно со одговорното кредитирање, транспарентноста и соодветната заштита на клиентите”, посочи гувернерот.

Тој се осврна и на новите ризици поврзани со дигитализацијата, особено киберризиците, коишто наметнуваат потреба од постојано унапредување на управувањето со ризиците и на регулаторните и супервизорските практики.

Гувернерот посочи дека Народната банка останува посветена на создавањето стабилен, сигурен и отпорен финансиски систем, којшто истовремено ќе биде отворен за иновации, конкуренција и нови модели на финансирање. Целта е развојот на финансиските услуги да создава економски можности и да придонесува кон одржливо кредитирање, без да се загрозат финансиската стабилност и довербата на граѓаните и компаниите.