
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави нови мерки во борбата против дивите депонии, несоодветното одлагање кабаст отпад и вандализмот низ главниот град. Меѓу нив се воведување еден или два бесплатни дена месечно за депонирање отпад во „Дрисла“, можност за парични награди за граѓаните кои ќе снимаат и пријавуваат прекршоци, како и поставување камери на повеќе од 200 критични локации.

Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Ѓорѓиевски рече дека проблемот со отпадот не може да се реши само со инспектори и казни, туку е потребна и поголема одговорност од граѓаните.
Според него, низ Скопје има околу 2.500 микролокации кои би требало да се контролираат, што практично е невозможно само со инспекциските служби.
„Имаме 2.500 микролокации во Скопје, а јас немам 2.500 инспектори за да контролирам сè“, рече Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека дел од граѓаните оставаат стар мебел, кујнски елементи и друг кабаст отпад покрај контејнерите, а како една од причините го наведе трошокот за негов транспорт и депонирање.
Поради тоа, најави дека пред Советот на Град Скопје ќе предложи воведување еден или два дена во месецот кога граѓаните ќе можат бесплатно да го депонираат кабастиот отпад во „Дрисла“.
Паралелно со ова, Градот разгледува и можност за финансиско стимулирање на граѓаните кои ќе помогнат во откривањето на несовесните сторители.
„Размислуваме и за воведување парични награди за граѓаните кои ќе снимаат и ќе пријавуваат вакви девијантни појави“, најави Ѓорѓиевски.
Дополнителна контрола треба да обезбеди и видеонадзорот. Според градоначалникот, при крај е постапката за поставување камери на повеќе од 200 локации во Скопје. Камерите би требало да опфатат места каде што често се создаваат диви депонии, но и паркови и детски игралишта.
Како пример за вандализам, Ѓорѓиевски ја посочи Лотос фонтаната во Градскиот парк, која, според него, по целосното реновирање за краток период трипати била ишарана со графити.
Тој најави дека снимките на кои ќе биде регистриран вандализам ќе бидат доставувани до Министерството за внатрешни работи.
Во емисијата беше отворено и прашањето за последиците од силното невреме во Скопје. По прикажувањето снимки од паднат покрив кој оштетил автомобили и друга оштетена инфраструктура во Општина Центар, Ѓорѓиевски најави дека ќе испрати градски екипи на терен, иако конкретната локација не е под директна надлежност на Град Скопје.
Тој посочи дека по невремето низ Скопје имало повеќе од 270 паднати дрвја и дека градските служби им помагаат и на скопските општини и на граѓаните.

Ѓорѓиевски порача дека одржувањето на Скопје не може да биде обврска само на институциите и комуналните претпријатија, туку бара заедничка одговорност и поголема грижа за јавниот простор.

