Skip to main content
Балкан

Со Трамп, САД нема веќе да „градат“ држави на Балканот

15/09/2026  21:36

Под администрацијата на Трамп, САД веќе нема да се ангажираат за градење држави на Балканот, туку ќе се посветат на стабилноста, одржување позитивни односи и економска соработка. Ова го порача денес Дениел Лотон, заменик помошник државен секретар во чија надлежност спаѓа Балканот, кој сведочеше пред Комитетот за надворешни работи на американскиот Претставнички Дом за досегашната политика на администрацијата на Трамп кон Балканот. Изјавата доаѓа во пресрет на посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Вашингтон.

Македонија и Црна Гора се блиски партнери на НАТО и безбедносни партнери и двете земји ги реализираат своите стратегиски приоритети и клучни проекти кои ја подобруваат регионалната поврзаност. Македонија реално е на пат да го постигне договореното ниво на инвестиции во одбраната како НАТО членка и да ја подобри нашата одбранбена соработка. Како земја која е на регионален крстопат, Македонија се подготвува да се поврзе на гасоводот за течен гас од Грција до Србија, и развива транспортни инфраструктурни проекти на релација север-југ и исток-запад. Стратегискиот дијалог САД – Македонија се одржа во април и притоа беше реафирмирана подготвеноста на двете земји да работат заедно на унапредување на овие стратегиски линии, пишува во подготвената изјава на заменик помошник секретарот Лотон доставена до комитетот на Конгресот.

Во дискусијата која се разви со конгресмените, прашањата се фокусираа на етничките прашања во Босна и Косово, како и на изградбата на транс-балкански гасовод за транспорт на американски втечнет гас од Грција. Се очекува Македонија да биде клучна држава долж овој гасовод, кој ќе се потпира на пристаништето Александрополи.

Повеќе конгресмени се фокусираа на улогата на Србија во регионот и нејзините односи со САД, Русија и со Европската Унија. На прашањето на конгресменот Ворен Дејвидсон дали се појавува ривалитет меѓу САД и ЕУ во односите на Балканот, особено при кризата за именување на висок меѓународен претставник во Босна, дипломатот Лотон изјави дека не е на САД да се залагаат за или против членството на одредени балкански држави во Унијата.

-Ние секако имаме геополитички ривали како Кина или Русија кои претставуваат закана за нашите интереси во регионот. Затоа се залагаме за стабилност во регионот, која е во интерес на сите нас. Во однос на Европската Унија, ние не заземаме став за членство на земјите, тоа е одлука што самите треба да ја донесат во соработка со Унијата, изјави Лотон на прашањето на конгресменот Дејвидсон.

Лотон воедно одговори на коментарите на повеќе конгресмени кои беа критични кон Србија, велејќи дека став на секретарот Марко Рубио е дека политиката на изолирање на оваа држава не успеала и дека затоа сега „САД ќе бидат проактивни и ќе нудат американски решенија“ за земјите од регионот да ги одберат САД како партнер, а не некоја од другите големи сили како Русија и Кина. За другото клучно прашање во регионот кое доминираше со расправата – Босна – заменик помошник секретарот Лотон изјави дека САД не сака да врши прекумерни интервенции во внатрешните прашања на една суверена држава.