
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостување на 4ТВ се осврна на состојбата во ЈСП Скопје и ЈП „Комунална хигиена“, посочувајќи дека двете јавни претпријатија и натаму се соочуваат со сериозни предизвици поради дотраениот возен парк, но дека истовремено се направени значителни финансиски заштеди.
Говорејќи за јавниот превоз, Ѓорѓиевски истакна дека во моментов на скопските улици сообраќаат повеќе од 200 автобуси, што, според него, е за околу 50 повеќе во споредба со претходниот период.
Станува збор претежно за возила набавени пред 10 до 15 години, но со нивно повторно ставање во функција и промените во работењето, Ѓорѓиевски тврди дека ЈСП успеало за само шест месеци да оствари заштеда од околу половина милион евра за гориво.
Тој информираше и дека тендерската постапка за набавка на нови автобуси е успешно завршена, со што треба да започне процесот на обновување на дотраениот возен парк на јавниот превоз.
Предизвици има и во ЈП „Комунална хигиена“. Ѓорѓиевски посочи дека и во ова претпријатие е направена заштеда од околу половина милион евра за гориво. Во моментов на терен функционираат околу 50 камиони, додека претходно бројката изнесувала околу 70.
Градоначалникот им се извини на скопјани за доцнењето при собирањето на отпадот и призна дека актуелната механизација не е доволна за целосно и навремено опслужување на градот.
Според неговите најави, решение треба да донесе набавката на нови камиони, чие пристигнување се очекува по одлука на Владата и итна седница на Советот на Град Скопје.
Покрај новата механизација, Ѓорѓиевски најави и значително зголемување на бројот на садови за отпад. Набавени се 3.300 нови контејнери, за кои тој тврди дека се обезбедени по двојно пониска цена во споредба со претходните набавки.
Испораката и поставувањето на новите контејнери низ Скопје, според најавата, треба да започнат во следните седум до десет дена.


