Skip to main content
Македонија

Левица: Клековски да го разреши директорот Маркоски – голготата во охридската болница мора да заврши

15/09/2026  09:34

Соопштение за јавност на Левица:

Случајот со бремената пациентка кој ја разбранува јавноста е уште еден аларм за катастрофалните состојби во охридската болница. Но, до #Левица пристигнуваат и други сведоштва за голготата на пациентите, особено на гинеколошкото одделение, што отвора сериозни прашања за способноста на директорот Горан Маркоски да ја менаџира болницата во Охрид.

За ваквата состојба сведочи и друга бремена пациентка, која се пожалила за нехуман однос во болницата и одбивање да биде прегледана, поради што и во овој случај, пациентката била принудена да оди во приватна болница. Се поставува прашањето колку вакви случаи воопшто не ни биле обелоденети во јавноста?Кога пациентите се принудени да чекаат со часови и да бараат помош во приватни болници, тоа е доказ за целосна неспособност на вмровскиот кадар поставен за раководење со болницата.

Левица бара министерот за здравство Сашо Клековски итно да го разреши директорот Горан Маркоски и да понесе одговорност за состојбите во установата со која раководи. 
Од министерот Клековски дополнително бараме итен и независен инспекциски надзор во охридската болница поради алармантната состојба, како и утврдување персонална одговорност за секој пропуст.

Директорската функција не е партиска награда, туку одговорност за човечки животи. Здравството не е место за партиски кадри и политички заслуги, а животите и здравјето на граѓаните не смеат да зависат од политички калкулации!