
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против 27 лица, меѓу кои и една вработена во Министерството за внатрешни работи, поради постоење основи на сомнение за повеќе кривични дела поврзани со незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба.
При преземените мерки и активности на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди утврдени се злоупотреби во постапките за издавање возачки дозволи преку незаконски измени на податоци во електронскиот систем и издавање јавни исправи со невистинита содржина.
Од пријавените, едно лице вработена во Одделението за управни работи Скопје, се сомничи дека во периодот од 03.09.2020 до 24.08.2026 година, користејќи ја својата службена шифра и службените овластувања во електронскиот систем, незаконски менувала претходно креирани барања за издавање возачки дозволи од други вработени, а во одредени случаи ги отфрлала веќе оформените барања и креирала нови, во кои внесувала категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови. По извршените измени, барањата биле одобрувани и биле издавани возачки дозволи со невистинита содржина.
Претходно, во периодот од 11.02.2021 до 11.04.2021 година, истото лице било отстрането од работното место, а потоа и отстрането од Министерството за внатрешни работи поради поднесена кривична пријава за кривични дела сторени при вршење на службената должност, кои се однесувале на злоупотреби во постапките за издавање лични документи. На 15.01.2025 година, врз основа на судска пресуда, повторно била вратена на работното место во ОУР Скопје.
Со ваквото незаконско постапување биле издадени возачки дозволи на 21 лице со незаконски внесени категории, додека во еден случај дејствието останало во обид. Во три случаи претходно креираните барања биле отфрлени, по што биле оформени нови барања во кои повторно биле внесени категории за кои не биле исполнети законските услови.
Во текот на истрагата е утврдено дека четири лица постапувале како посредници, при што во договор и содејство со вработената во МВР посредувале за незаконско издавање на возачки дозволи. Истите пронаоѓале заинтересирани лица, и поврзувале со службеното лице и ја координирале постапката до незаконското внесување и одобрување на категориите во електронскиот систем и нивно издавање.
По преземените мерки, за вработената во МВР постојат основи на сомнение за 22 кривични дела „Фалсификување исправа“ согласно член 378 од Кривичниот законик и едно кривично дело „Фалсификување исправа“ во обид согласно член 378 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Дел од останатите пријавени лица, во договор и содејство со вработената, учествувале во постапките за незаконско издавање на возачките дозволи, при што се сомничат за сторено кривично дело „Фалсификување исправа“ во соизвршителство согласно член 378 во врска со член 22 од Кривичниот законик, а за едно кривични дела за истото дело во обид согласно член 378 во врска со членовите 22 и 19 од Кривичниот законик.
Лицата на кои им биле издадени возачките дозволи, иако не ги исполнувале законските услови за соодветните категории, ги започнале постапките со поднесување барања, по што категориите биле незаконски внесени и одобрени во електронскиот систем. За нив постојат основи на сомнение за кривично дело „Фалсификување исправа“ во соизвршителство.
Дополнително, шест лица ги употребиле така издадените возачки дозволи при преминување на државната граница. Две од нив ги употребиле и во постапки за добивање сертификати за професионална компетентност за возачи во меѓународен превоз на патници и стоки, при што се стекнале со сертификати издадени од Министерството за транспорт. За овие дејствија постојат основи на сомнение за шест кривични дела „Употреба на исправа со невистинита содржина“ согласно член 380 од Кривичниот законик.
Во еден случај постапката за незаконско внесување категорија не била довршена, поради што постојат основи на сомнение за кривично дело „Фалсификување исправа“ во обид во соизвршителство
За констатираните неправилности, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди го извести Министерството за транспорт – Секторот за патен сообраќај и инфраструктура, со барање за вонреден надзор над правните лица кои вршат обука или посредуваат при издавање сертификати за професионална компетентност, како и за преиспитување на законитоста на веќе издадените сертификати и преземање соодветни мерки согласно закон.
Во рамки на преземените мерки, против вработената во МВР ќе биде поднесен и Предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност, а ќе биде изречена и задолжителна мерка отстранување – суспензија од работното место до завршување на дисциплинската постапка.


