Skip to main content
Македонија

Савески: Законските рокови за притвор во „Пулс“ мора да се почитуваат

11/09/2026  12:49

Републичкиот јаван обвинител Ненад Савески денеска ги отфрли оценките дека судовите работат под притисок или во служба на јавното обвинителство, коментирајќи ги реакциите по одлуките во предметите „Ласкарци“ и случајот со поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски. Тој нагласи дека Врховниот суд не ги оценува обвиненијата, туку законитоста на одлуките донесени од пониските судови, а во однос на предметот „Пулс“ посочи дека роковите за притвор се законски утврдени и мора да се почитуваат, иако, како што рече, обвинителството секогаш има на располагање и други законски можности.

Одговарајќи на новинарско прашање за коментарите на дел од поранешни судии и адвокати дека првостепените судови носат пресуди без доволно да ги ценат доказите, а потоа тие се укинуваат од повисоките судови, Савески рече дека таквите оценки се погрешни.

– Не можам да прифатам, а апсолутно сметам дека е погрешен впечатокот дека судовите ги носат одлуките под притисок, под влијание или во служба на јавното обвинителство. Пресудите се носат во името на граѓаните на Република Северна Македонија, врз основа на примена на законите и доказите што се содржани во тие предмети – изјави Савески по денешната седница на Советот на јавни обвинители.

Во однос на прашањето дали проблемот во предметите „Ласкарци“ и „Стевчо Јакимовски“ е во обвиненијата, Савески нагласи дека Врховниот суд не ги оценувал обвинителните акти, туку судските одлуки донесени во пониските инстанци.

– Одлуките на повисоките судови се во врска со одлуките на пониските судови. Врховниот суд не ги ценел обвиненијата, туку одлуките на второстепениот и првостепениот суд – рече Савески.

Осврнувајќи се на предметот „Пулс“ и на можноста газдата Дејан Јованов – Деко да излезе од притвор поради истекување на законските рокови, тој посочи дека притворот е регулиран со закон и со максимално утврдени рокови кои мора да се почитуваат.

– Траењето на притворот е регулирано со закон и со максимални рокови. Во овој случај е извесно дека тие рокови наскоро ќе се исцрпат – рече Савески.

Тој не сакаше да прејудицира дали обвинителството ќе побара примена на други мерки за обезбедување присуство на осомничениот, нагласувајќи дека тоа е во надлежност на обвинителите што постапуваат по предметот.

– Да, секогаш има можности. Дали во овој случај некои од тие можности ќе бидат применети, навистина оставете времето да покаже. Не би сакал сега ништо да прејудицирам. Тоа се јавнообвинителски одлуки и доколку изразам свој став во врска со таа работа, би можело да се создаде чувство дека сакам да го наметнам на конкретните јавни обвинители кои постапуваат во тој предмет. Јас тоа не го сакам. Оставам за тоа да ценат јавните обвинители кои постапуваат во конкретниот предмет – рече Савески.

Во врска со стравувањата во јавноста дека по истекувањето на притворот би можело да се појави ризик од бегство, Савески повтори дека и судовите и обвинителството се должни да ги почитуваат законските рокови, без оглед на околностите поради кои претходно бил определен или продолжен притворот.

На новинарско прашање дали ќе поднесе жалба на одлуката на дисциплинската комисија во предметот поврзан со обвинителот Јован Цветановски, Савески одговори дека рокот за поднесување жалба веќе истекол и дека нема да преземе таков чекор.

Во однос на забелешките дека на прославата по повод Денот на независноста имал „почесно“ место до премиерот, Савески рече дека седел на место определено со владиниот протокол не смета дека бил привилегиран во однос на другите гости.

– Тоа е место што беше предвидено со протоколот на Владата, која беше организатор на настанот и каде што ми беше определено местото. Го почитувам редот во куќата каде што сум отишол и воопшто не сметам дека сум почестен или привилегиран во однос на другите гости. Таму точно се знаеше кој каде седи. Не знам зошто воопшто констатацијата е дека станува збор за почесно место – изјави Савески.