Skip to main content
Македонија

Не знаевме дали брат ми ќе се врати – Марковска за драматичните денови од осамостојувањето

08/09/2026  20:08

Еден од најтешките и најемотивните моменти од периодот на осамостојувањето на Македонија за Ѓулистана Марковска била средбата со мајките на војниците кои во тие драматични денови протестирале пред Собранието, барајќи одговори за судбината на своите деца.

Пратеничката од првиот парламентарен состав, гостувајќи во специјалното студио на 4ТВ по повод 35 години независност, раскажа дека таа средба оставила длабока трага врз неа. Дополнителна тежина имало тоа што и нејзиното семејство во истиот период било директно погодено од воените случувања при распадот на поранешна Југославија.

Марковска откри дека нејзиниот брат бил меѓу офицерите кои биле заробени за време на настаните во Вуковар и Осиек.

„Мојот брат беше меѓу офицерите коишто беа заробени од МУП-овците во Вуковар, односно во Осиек. Таму се случуваа страшни работи“, раскажа Марковска.

Во тие неизвесни денови, пред македонското Собрание се собирале мајки загрижени за своите синови, барајќи од институциите информации и средби со надлежните. Марковска била меѓу оние кои се сретнале со нив.

Децении подоцна, вели дека сеќавањето на тие разговори сè уште е силно.

„Тоа беа мајки коишто ги изгубиле своите деца. Поболно тоа нема“, рече Марковска.

Истовремено, драмата што ја гледала пред Собранието се одвивала и во нејзиниот дом. Нејзиниот татко живеел со неизвесноста дали неговиот син ќе се врати жив.

„Дома го имав мојот татко којшто велеше: ‘Твојот брат, не знаеме дали ќе се врати или не’“, се присети Марковска.

Личната семејна неизвесност и средбите со мајките на војниците, според нејзиното сведоштво, се меѓу најсилните сеќавања од времето кога Македонија го започнувала патот како независна држава, додека во непосредното соседство беснееле вооружени конфликти.

Марковска посочи дека зад големите политички и историски одлуки од тој период стоеле и илјадници човечки судбини – семејства кои стравувале за своите најблиски и живееле во неизвесност што ќе донесе следниот ден.

Во разговорот за 4ТВ таа се осврна и на чекорите што во тој период ги преземало државното раководство во обид да се справи со последиците од воените случувања во регионот и да ги заштити македонските граѓани во еден од најтурбулентните периоди од поновата историја.