
Три минути по полноќ на 9 септември 1991 година, само неколку часа по историскиот референдум за независност, во Скопје се родил Христијан Проданов – човекот кој денес е познат како првото дете родено во независна Македонија.
По повод 35-годишнината од независноста, Проданов гостуваше во специјалното отворено студио на 4ТВ, каде што зборуваше за необичната симболика што го следи уште од неговото раѓање и за тоа како изгледа да растеш и созреваш практично паралелно со независната македонска држава.
Проданов раскажа дека неговото раѓање се случило непосредно по завршувањето на прославата на плоштадот „Македонија“.
„Мојот роден ден е точно три минути по полноќ на 9 септември. Само што завршила прославата на плоштадот Македонија, се раѓам јас. Тоа е првиот ден од независноста на Македонија“, раскажа Проданов.
Токму поради моментот во кој се родил, низ годините го следи прекарот „детето на Македонија“. Вели дека оваа симболика со текот на времето станала дел од неговиот идентитет и дека со гордост ја носи.
„Чест ми е да ме нарекуваат детето на Македонија или првото дете во Македонија. Некако се соживувам со државата, со историјата“, истакна тој.
Проданов денес полни 35 години – исто колку што Македонија одбележува години од референдумот за независност. Тој вели дека особено му значи што целиот свој живот го поминал во Скопје, градот во кој е роден, и што низ годините ги споделувал и успесите и предизвиците низ кои минувала земјата.
„Обожавам да бидам дел од Македонија, да живеам во Скопје, каде што сум роден. Да се соочувам со сите проблеми кои ги има Македонија, но и да се радувам на сите успеси кои ги постигнала на кое било поле“, рече Проданов.
За него, независноста не е само датум од поновата македонска историја. Таа е временска линија со која практично се поклопува целиот негов живот – од првите минути по полноќ во септември 1991 година до денес.
„Чест ми е и задоволство, како и на сите граѓани, да бидам дел од оваа држава“, порача Проданов во отвореното студио на 4ТВ.


