
Задоволството на Американците од квалитетот на образованието во САД, од предучилишна возраст до крајот на средното училиште, падна на најниско ниво, поради растечките политички поделби и загриженоста дека училиштата не ги подготвуваат децата за понатамошно образование и идни работни места, јавија американски медиуми.
Само 32 проценти од возрасните Американци велат дека се „целосно“ или „делумно“ задоволни од американскиот училишен систем, според анкета спроведена во август, објавена денеска од Галуп и Фондацијата на семејството Волтон(Walton Family Foundation).
Тоа претставува пад од 11 процентни поени во споредба со претходните две години и најниско ниво забележано откако Галуп започна да спроведува истражувања на таа тема пред 27 години.
Во исто време, незадоволството кај Американците се искачи на дури 67 проценти.
Експертите за образование велат дека овие наоди се многу загрижувачки, но не и изненадувачки.
Тој пад во голема мера произлегува од ставовите на демократите, меѓу кои нивоата на задоволство се намалија за околу 19 процентни поени од почетокот на вториот мандат на претседателот Доналд Трамп во 2025 година.
Задоволството на независните гласачи, исто така се намалило, за околу 10 поени во споредба со 2024 година, додека меѓу републиканците кои се задоволни од училишниот систем, исто така, има намалување – за околу шест поени.
Администрацијата на Трамп придонесе за ерозијата на довербата со тоа што ги прикажува училиштата како места на политички конфликти, покренува прашања за тоа што на наставниците треба да им биде дозволено да зборуваат во училницата и презема чекори за прекинување на програмите за разновидност и распуштање на Министерството за образование, рече Џек Шнајдер, директор на Центарот за образовна политика на Универзитетот во Масачусетс во Амхерст.


